Skip to main content

Србија им дава рок од 50 дена на руските пријатели, да најдат нов сопственик на НИС

Српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното обраќање до јавноста рече дека има уште четири дена до целосен прекин на работата на Нафтената индустрија на Србија (НИС) доколку американската влада не и ја одобри лиценцата за работа, пренесува регионалниот сервис на Радио слободна Европа (РСЕ).

Вучиќ соопшти дека рафинеријата во Панчево од денеска го прекинува производството, односно дека нејзините погони се префрлени во процес на т.н. топла циркулација, со цел системот да остане функционален.

Рафинеријата НИС работи мирно, се уште не е исклучена, но нејзиниот режим на работа е понизок од вообичаениот. Тоа значи дека имаме уште четири дена до целосно запирање на работата доколку лиценцата не биде одобрена од американскиот ОФАЦ, односно од американската влада – кажа тој.

На 18 ноември, НИС побара од Соединетите Американски Држави (САД) посебна лиценца за работа додека траат преговорите меѓу акционерите и заинтересираните страни за промена на сопственичката структура. Добивање лиценца подразбира дека рафинеријата ќе продолжи да добива нафта додека траат преговорите за сопственичката структура во НИС.

Вучиќ рече дека очекувале лиценцата да биде добиена, но од САД добиле известување дека има уште работи што треба да се разгледаат пред да ја одобрат лиценцата.

Во случај на затворање на рафинеријата, посочи дека потребни се 20 дена за нејзино рестартирање.

Направивме сè што ни кажаа нашите руски пријатели и бевме ставени во многу тешка ситуација – рече тој.

Според него, затворањето на рафинеријата би го загрозило функционирањето на здравствениот систем, службите за итни случаи, како и снабдувањето на трговските синџири и функционирањето на транспортниот систем.

Вучиќ рече дека во Владата имало гласови дека НИС треба да се национализира, но оти неговиот предлог, што го усвои Владата, е да се дадат уште 50 дена за да се најде нов купувач за НИС.

Но, ако нема продажба на НИС ниту по 50 дена, немаме избор и ќе мора да ја воведеме нашата администрација и да им ја понудиме највисоката можна цена на нашите руски пријатели – рече Вучиќ, додавајќи дека САД барале негов збор дека ќе има трансакција на акции во НИС и во писмена и во усна форма.

Посочи дека руската страна се уште не и понудила на Србија можност да го купи рускиот удел, а сопственоста во НИС е променета неколку пати.

Претходно, српскиот претседател рече дека руските сопственици преговараат за продажба на нивниот удел во НИС со три партнери, но не кажа кои се тие.

Санкциите на САД врз НИС стапија на сила на 9 октомври во обид на американската администрација да ја спречи Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина. Овие санкции претходно беа одложени осум пати.

Во 2008 година, Србија продаде 51 процент од акциите на компанијата НИС на руската државна компанија „Газпром Нефт“ за цена од 400 милиони евра, без тендер.

Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС е променета неколку пати, но таа се уште е претежно во рацете на руски компании, додека Србија има 29,87 отсто од акциите.

НИС е единствената компанија во Србија која се занимава со истражување, производство и преработка на нафта, како и со производство на природен гас.

Србија, пак, е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи кон санкциите на Европската Унија против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина.

Поврзани вести