Skip to main content

Разрешен албански заменик – министер за запалена цигара во ресторан

Заменик-министерот за внатрешни работи, Анди Махила, е разрешен од функцијата откако бил фатен како пуши цигара во затворен простор, објави албанскиот портал Телеграфи.

Веста ја потврди и министерката за внатрешни работи, Албана Кочиу. Таа соопшти дека пријавата пристигнала од албански граѓанин во Њујорк, кој заедно со своето семејство бил вознемирен од постапката на заменик-министерот. По извршената проверка, Махила бил разрешен од должноста.

— Ја потврдувам информацијата што беше објавена во медиумите во врска со разрешувањето на заменик-министерот. Добив пријава од наш сонародник во Њујорк кој, заедно со своето семејство, изрази загриженост поради тоа што заменик-министерот за внатрешни работи пушел цигара во ресторан. Направив соодветна проверка и ја соопштив одлуката за негово разрешување — изјави Кочиу.

Таа нагласи дека пушењето во локал не може да се смета за случајна грешка, туку за прекршување на законот, особено кога го прави висок функционер на Министерството за внатрешни работи.

— Секој може ненамерно да направи грешка и тоа може да се разбере, но пушењето цигара во локал не е ненамерна грешка, туку неоправдано прекршување на законот. Уште повеќе кога станува збор за раководител на институција како Министерството за внатрешни работи — додаде министерката.

Кочиу истакна и дека го информирала граѓанинот, кој пријавил, дека неговата загриженост е сфатена сериозно, гарантирајќи дека секоја граѓанска пријава ќе биде третирана со иста почит и решителност.

Албана Кочиу е првата жена што ја предводи полицијата во Албанија, а во претходната влада ја извршуваше функцијата министерка за здравство.

Анди Махила, пак, како заменик-министер имаше важна улога во работата на Министерството за внатрешни работи, каде што беше насочен кон борбата против организираниот криминал и кон зајакнување на соработката со меѓународните институции.

Поврзани вести