
Албанскиот премиер Еди Рама хашкиот судија одговорен за судењето на лидерот на УЧК, Хашим Тачи го нарече „најмен убиец“ и „идиот“, а судењето – „меѓународна глупост“.
Заедно со косовската претседателка Вјоса Oсмани тие вчера присуствуваа на Одморот за мир за Газа на американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со повеќе авторитарни лидери главно од Азија, со очигледна цел да го искористат состанокот со лидерот на САД за да влијаат на судскиот процес во Хаг.
Тој и Османи одржаа и прес конференција на која оценија дека хашкиот обвинител се однесува како „сикарио“ (шпански збор за најмен убиец / платен убиец), дека барањето за 45-годишна казна е „срамно“ и го загрозува мирот во регионот и дека Судот досега не успеал да испорача демократска правда, повикувајќи притоа отворено Косово и Албанија да се обединат, како единствен начин да се заштити албанскиот идентитет и да се спротивстават на она што го сметаат за „неправеден прогон“ на албанските лидери. Вакви судења патем имаше и за српски, и за хрватски, и за македонски политичари и никој вака не драматизираше, уште помалку го навредуваше Хашкиот суд, ниту пак некој тврдеше дека е политички упад против партиите или против некој народ.
Притоа Рама даде и други субјективни оценки иако во Хаг не се суди на Косово или на Албанија, ниту пак на УЧК, туку на некои од лидерите кои ги надминале границите на прифатливо војување. Имено, Рама уверуваше дека „ борците на ОВК се херои и дека секој суд што ги казнува е нелегитимен и пристрасен.“
За време на својот говор пред Одборот за мир, албанскиот премиер го повика претседателот Трамп да „направи нешто“ во врска со Специјализираниот суд за Косово на чие основање се согласи и Приштина во минатото, а во кој сега се судат поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и други поранешни команданти на ОВК за воени злосторства против Срби, Роми, па дури и противници Албанци. Оценувајќи дека Судот не успеал да ги испочитува стандардите на демократската правда тој практично се обидува да влијае на неговата одлука.
Овој суд е создаден специјално за да суди за злосторствата извршени од членови на ОВК за време на војната бидејќи српските злосторства беа судени во претходни трибунали.

Македонски



