Skip to main content

Притворен полковникот од грчкото воено воздухопловство за пренесување доверливи воени информации во Кина

Мерка притвор му е одреден на полковникот во грчкото воено воздухопловство, кој беше уапсен за оддавање доверливи воени информации во Кина, по вчерашниот маратонски исказ даден пред истражен судија и пред јавен обвинител во Воениот суд и е пренесен во затворот во Коринт, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, 54-годишниот полковник се соочува со доживотна затворска казна, но според новиот воен кривичен законик, осудата може да доведе и до одземање на грчкото државјанство.

Неговите адвокатите по одредениот притвор посочија дека токму тоа било и нивното барање и барањето на уапсениот, односно прво да биде притворен и потоа да му се суди, а за време на исказот признал, ја презел одговорноста и побарал да биде осуден.

Како што објасни адвокатот Василис Хирдарис, со апсењето полковникот почувствувал олеснување, бидејќи со тоа, завршил еден „исклучително опасен процес за него“, додека пак во однос на делата објасни дека зделката не била со државен орган на Кина, туку со приватна компанија која дава консултантски услуги на компании од Кина и други азиски земји за пронаоѓање инвестициски можности во Европа, во земјите членки на НАТО и во западните земји.

Но, откако отпатувал во Кина, работите се промениле и како што рече адвокатот, бил силно притиснат да пренесе или НАТО документи или било какви други документи поврзани со можни чувствителни информации.

За жал, беше принуден и под притисокот и од страв бидејќи му рекоа: „Го знаеме твоето семејство, знаеме каде живееш, знаеме каде работиш“ и беше принуден да учествува во нешто што навистина не сакаше. Но, мислам дека апсењето беше ослободувачко за него, посочи адвокатот.

Паралелно прочита и изјава напишана од самиот полковник во која вели дека без намера, првично се вклучил во нешто што потоа се развило на кошмарен, опасен и незаконски начин, а при дадениот исказ во Воениот суд, не се обидел ниту да се оправда, ниту да се брани.

Од самиот почеток бев на располагање на мојата служба и на правосудството, со единствена цел да им помогнам во расчистувањето на случајот, кој, сепак, произлезе од услови што беа особено опасни и неконтролирани, а во кои се најдов и кои доведоа до делата за кои сум обвинет. Искрено им се извинувам на татковината, на Вооружените сили, на колегите и на моето семејство. Со апсолутна доверба во военото судство, барам да бидам казнет со праведна и разумна казна, напишал обвинетиот, како што информираше неговиот адвокат.

Адвокатот дополнително објасни дека во целиот случај не постоеле соработници или соучесници.

Полковникот од грчкото воено воздухопловство минатата седмица беше уапсен „поради јасни индиции за извршување кривични дела согласно Воениот кривичен законик, односно собирање и пренесување доверливи информации од воено значење на трети лица, со опасност од нанесување штета на националните интереси“.

Поврзани вести