Skip to main content

Опасна болест кај животни се шири во Хрватска

Послепрвата појава на куга кај мали преживари во Сплитско-далматинската жупанија, нов случај е потврден и во Задарското подрачје.

Во Глогово, Задарска жупанија, на семејно земјоделско стопанство во саботата беа евтаназирани 59 овци, 10 јагниња и шест кози, објави хрватскиот RTL.

„Болеста досега се јави во три случаи во Сплитско-далматинската жупанија, а ова е прв случај во Задарската жупанија“, изјави началникот на Секторот за ветеринарски надзор на Државниот инспекторат, Гордан Јербиќ.

Засега официјално се потврдени четири случаи, но неофицијално RTL дознава дека се појавил и петти, па во понеделник во стопанството во Сплитско-далматинската жупанија ќе бидат евтаназирани уште 11 животни.

Кугата најпрво се појави во населбата Богдановиќи, предизвикувајќи страв во околните села. Според неофицијални информации, „виновникот“ за заразата која се појавила во Далматинската Загора најверојатно е илегално увезен овен за размножување, но мештаните не веруваат дека тој е причината за заразата.

Хрватските власти истакнаа дека сопствениците на евтаназираните животни ќе имаат право на надомест на штета ако ги исполнуваат сите прописи.

„Сакам да нагласам дека болеста е заразна само за мали преживари, односно за овци и кози. За останатите животни, па дури и за луѓето, не е заразна“, вели Јербиќ.

Во Хрватска и понатаму се на сила посебни мерки и надзор на заразените подрачја, а од каде дојде заразата во Загора ќе утврди ветеринарската инспекција.

Поврзани вести