![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/santorini-4996846_1280.jpg)
Сеизмичката активност што го потресе Санторини и другите грчки острови сè уште не е завршена, а најсилниот земјотрес би можел допрва да дојде, предупреди сеизмологот Реми Босу, генерален секретар на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар
Тој рече дека ќе бидат потребни „денови или можеби недели“ за да се проценат невообичаените потреси, но нагласи дека таквите серии земјотреси обично се случуваат пред поголем земјотрес.
На идиличниот грчки остров Санторини е прогласена вонредна состојба поради речиси постојаните земјотреси во последните денови, кои речиси ја испразнија оваа позната туристичка дестинација од посетители и жители.
Најголемиот земјотрес досега е регистриран во средата вечерта, кога островот го погоди земјотрес со јачина од 5,2 степени. Тоа беше првиот земјотрес посилен од 5,0 од почетокот на потресите минатата недела.
Санторини се наоѓа во близина на границата на африканските и евроазиските тектонски плочи и често бележи сеизмичка активност, но ретко оваа интензивна и долготрајна. Покрај Санторини, земјотресите ги погодија и блиските острови Аморгос и Иос.
Босу ја опиша тековната сеизмичка активност на Санторини како „многу необична“.
– Обично имаме силен земјотрес, проследен со последователни потреси кои со текот на времето се намалуваат во јачината и зачестеноста. Овде гледаме сосема поинаков феномен. Магнитудата на земјотресите се зголемува со текот на времето, а нивната фреквенција се зголемува, што не е типично однесување – изјави Босу за Си-Ен-Ен.