Skip to main content

Мицотакис ги отфрли сценаријата за предвремени избори и порача дека ќе го исцрпи четиригодишниот мандат

Кабинет на грчкиот премиер

Ќе го исцрпиме четиригодишниот мандат, изборите ќе бидат во 2027 година; Грција е исклучок од правилото во Европа кога многу земји воведуваат мерки за штедење, ние сме во спротивна позиција; сакаме добри односи со Турција, но ако не ја отповика заканата за војна стара три децении нема да има пристап до европскиот инструмент САФЕ; електричното поврзување со Кипар, пред сè се однесува на Никозија, ние имаме намера да го реализираме, беа дел од ставовите што грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги изнесе на денешната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.

Прес-конференцијата траеше два часа и 40 минути, а Мицотакис одговори на 44 прашања за теми актуелни како во земјата така и во странство, меѓу кои и за економијата, владините реформи во даночниот систем, скандалите во земјата, сценаријата за предвремени избори, надворешната политика, односите со Турција, САД и Израел, електричното поврзување со Кипар итн.

За пакет мерките во висина од 1,6 милијарди евра, за поддршка на над четири милиони даночни обврзници, што вчера ги соопшти, грчкиот премиер повтори дека е „најсмелата реформа на данокот на приход во историјата на современа Грција“, што има конкретни цели и е пред сè насочена кон поддршка на семејствата, но и на младите, а со воведената нулта даночна стапка за лица под 25 години со годишен приход под 20.000 евра, како што посочи, младите порано ќе излегуваа на пазарот на труд.

– Приоритет секогаш е поддршка на семејствата, особено семејствата со деца. Проблемот со инфлацијата, знам колку е тежок, бидејќи имаме зад нас и десет години криза, но инфлацијата во Грција е пониска отколку во земји од Европа. Правиме големи напори, сега цените на производите се пониски од претходно. Ова е актуелна тема, но е и во фокусот на владината политика, истакна Мицотакис, говорејќи за инфлацијата и високите цени.

На прес-конференцијата уште еднаш ги отфрли сценаријата за предвремени избори, демантираше дека планира да го промени изборниот законик, а посочи дека има намера во 2027 година да се бори за нов, трет мандат, но дотогаш, нагласи дека предност имаат владините мерки и владината програма, за да бидат доследни пред граѓаните.

Во надворешната политика, истакна дека Владата се стреми „кон мирни води“ со Турција, но „без да се прават отстапки во суверените права на земјата“, во пресрет на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на Генералното собрание на ОН, посочи дека ќе продолжи да разговара со него, да разговара искрено, како што рече, но и да одржува отворени канали на комуникација, но и порача дека ако не го повлече „casus belli“ (закана за војна), ќе биде блокирана од учлесто во новиот финансиски механизам САФЕ (SAFE) на ЕУ.

-Ако навистина сакаме нормализирање на односите очигледно е дека треба да се отповика „casus belli“. Сè додека постои „casus belli“ на маса и сè додека Турција, во други области, покажува ревизионизам што е на штета на Грција, Грција ќе го блокира учеството на Турција во програмата САФЕ, порача Мицотакис.

За електричното поврзување со Кипар, тема што е особено актуелна во изминатиот период, нагласи дека е проект што пред сè е во корист на Никозија, со оглед на тоа што земјата ќе се поврзе со европскиот систем за струја и истакна дека намерата на Грција е проектот и да започне и да се реализира, но „треба и Кипар да покаже дека го сака овој проект“.

На новинарско прашање за односите со САД и американскиот претседател, посочи дека „односите се многу добри“ и објасни дека има соработувано со Трамп и имале „одлична соработка“.

За односите со Израел рече дека грчката Влада има стратешко сојуз, но тоа не ги спречува „да го критикуваат она што се случува во Газа“ и да инсистираат на итен прекин на огнот и разговори за решение со две држави.

Истакна дека исто така е потребно да престане „незамисливата хуманитарна криза во Газа“, а за евентуално признавање на палестинската држава, го повтори грчкиот став дека тоа ќе се случи, но прашањето е кога и под која околност.

Во однос на мигрантското прашање порача дека ќе стори сè што е во негови раце „за да се ограничи нелегалната миграција во земјата“ и откри дека наскоро ќе донесат нов закон што ќе се однесува на легалната миграција, односни тие да одредуваат кој ќе дојде и како ќе дојде, „а не тоа да го првата криумчарите место нас“.

Дополнително, на прес конференцијата одговори на прашања поврзани и со внатрешно-политичката сцена.

За најавите дека поранешниот премиер и поранешен лидер на СИРИЗА Алексис Ципрас ќе формира партија рече дека не се чувствува дека на изборите го победил Ципрас, туку дека ја добил поддршката од граѓаните, додека пак за критиките од поранешниот премиер од редовите на Нова демократија Андонис Самарас, кој беше исклучен од партијата, нагласи дека не може да одговори политички бидејќи на него гледа како на татко кој го изгуби своето дете, со оглед на тоа што неодамна ненадејно почина неговата ќерка.

Поврзани вести