
Во Грција денеска протестираат двата најголеми синдикати, против планираните работнички реформи, кои би овозможиле продолжување на работното време во приватниот сектор, пренесува утрово грчката ЕРТ.
Поради штрајкот на работниците низ цела Грција, во прекин е сообраќајот и работата на јавните служби, бродовите останаа во пристаништата, а железничкиот сообраќај е целосно прекинат.
Ова е втор голем протест овој месец, организиран од најголемите синдикати во јавниот и приватниот сектор во Грција – ADEDY и GSEE.
Планирано е демонстрациите да се совпаднат со парламентарната дебата и гласањето за законот за реформи на трудот. Во штрајкот учествуваат и лекарите и новинарите од јавниот сектор, а се очекува протестната поворка да се движи кон зградата на парламентот денес напладне по локално време.
Владиниот нацрт-закон предвидува работодавците да можат да го продолжат работното време, да добијат поголема флексибилност во краткорочното вработување, како и нови услови за годишни одмори во приватниот сектор. Владата тврди дека реформите ќе го модернизираат пазарот на трудот и ќе ги заштитат вработените од отпуштање ако одбијат да работат прекувремено.
Сепак, синдикатите предупредуваат дека предлогот ги крши правата на работниците, го укинува осумчасовниот работен ден и го ослабува колективното договарање, додека платите остануваат меѓу најниските во ЕУ.
„Наместо да ги зголемува приходите на работниците и да ги зајакнува јавните услуги, владата законски ја регулира можноста за работа за повеќе работодавци и исцрпувачко работно време“, соопштија синдикатите.
Според Евростат, куповната моќ на Грците останува меѓу најниските во Европската Унија, и покрај зголемувањето на платите и намалувањето на невработеноста по кризата од 2009-2018 година.