
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот на „Коалиција на подготвените“ повтори дека Грција нема да учествува во европска воена сила во Украина, но остави можност земјата да придонесе на други начини, надвор од украинската територија, вклучително во области како поморски надзор, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчки владини извори, Мицотакис истакнал и потребата од дополнително зајакнување и поддршка на украинските вооружени сили, како најважна гаранција за безбедност. Грција уште на почетокот на декември објави придонес од 20 милиони евра во рамки на НАТО-иницијативата „Prioritized Ukraine’s List of Requirements“.
Премиерот нагласил и важноста на американското учество во безбедносните гаранции, како за Украина, така и за Европа, со потреба од координација на европските позиции за јасна стратегија во мировните преговори со САД и Русија.
Мицотакис потсетил дека Грција ја поддржува Украина и во енергетската безбедност, преку снабдување со природен гас преку терминалот во Александруполи и Вертикалниот коридор. Тој повтори дека промената на границите со сила не може да се легитимира и дека Украина сама ќе одлучи за својата иднина.

Македонски





