
Шумски пожари, екстремни горештини и огнени фронтови кои не стивнуваат – така изгледаат денес и Грција и Турција кои се соочуваат со едно од најтешките летни сценарија во последните години.
Двете земји се борат со разорни пожари кои зафатија широки региони, а дополнителен проблем претставува топлотниот бран со екстремно високи температури. Во централна Грција биле измерени дури 42,4 степени Целзиусови, додека во турскиот град Силопи е регистрирана рекордна температура од 50,5 степени.
Во моментов, пожарникарите во Грција се борат со пет големи активни пожари – на Пелопонез, островите Евија, Китира и Крит. Иако пожарот во Атика е ставен под контрола, остануваат активни жаришта, а неколку села се евакуирани.
Особено тешка е ситуацијата на Китира, каде што огнот зафатил околу 20 отсто од површината на островот. Шест пожарникари се хоспитализирани поради изгореници и вдишување чад. На Крит огнот се проширил на фронт широк околу 20 километри, уништувајќи шуми, пчеларници и земјоделски насади, додека силните југозападни ветрови го отежнуваат гаснењето.
Грчките власти побараа итна интервенција преку Европскиот механизам за цивилна заштита, вклучително и шест авиони за гаснење пожари.
И Турција се соочува со сериозна ситуација. Министерот за шумарство Ибрахим Јумакли изјави дека повеќе региони се зафатени од огнени стихии, при што се очекува контрола да се воспостави дури за неколку дена. Трагично, во провинцијата Ескишехир животот го загубиле десет лица во обид да помогнат во гаснењето на пожарот.
Во некои области, вклучувајќи го и популарното летувалиште Чешме на западниот брег, се воведени ограничувања во потрошувачката на вода.
И двете земји бараат координирана помош и солидарност од ЕУ, додека нивните пожарникари се борат со природна катастрофа од невидени размери. Ситуацијата останува критична