Skip to main content

Грчките земјоделци денеска ќе се сретнат со Мицотакис

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ќе се сретне со претставници на земјоделците од 62 блока од цела Грција, кои веќе 50 дена протестираат, а во пресрет на состанокот, како во изминатите денови, така и во текот на денешниот ден, патиштата и граничните премини ќе останат отворени, што воедно беше и главен предуслов на Владата за да се одржи средбата, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјоделците формираа делегација од 25 претставници и шестмина набљудувачи и според најавите, на средбата ќе покренат 14 барања меѓу кои договорот Меркосур, поевтина електрична енергија и гориво за сите земјоделци, обесштетувања за сите болести кај животните, но и за природните опасности, како и надоместувањето на изгубениот приход.

Во неделната традиционална објава на Фејсбук, Мицотакис вчера се осврна и на земјоделците, потсети дека „од самиот почеток беше јасно дека Владата одбира дијалог, но без лесни ветувања и без потези што би го поткопале севкупниот напора за стабилност на економијата“.

Посочи дека земјоделците знаат дека рамката на владини интервенции веќе е објавена, рамка што е „јасно определена од фискалните можности, кои се исцрпени, од социјалната правда и од европските правила“.

Нашата цел не се парцијални решенија, туку праведен, транспарентен и ефикасен систем на земјоделски субвенции. Систем што ги поддржува вистинските производители, без да нанесува неправда на остатокот од општеството и што на примарниот сектор му дава перспектива за подобри производи и повисоки приходи, напиша Мицотакис.

Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, со блокади на автопатишта, патишта, гранични премини, а тракторите и понатаму се на улица, паркирани во една коловозна лента.

Грчкиот премиер во вторникот се сретна со претставници на околу 18 земјоделски блокови од целата земја, односно со оние кои уште од минатиот месец се одвоија од останатите земјоделци и побараа дијалог со владата.

Поврзани вести