
Технолошкиот напредок редовно наоѓа примена и на Балканот, но почесто пробиваат ризици отколку позитивни трендови. Еден таков е примерот со 3D печатеното оружје, чија употреба неприметно продира низ транснационалните криминални канали.
3D принтањето, кое некогаш беше резервирано за индустриски дизајн и медицина, денес е лесно достапно преку евтини уреди и онлајн фајлови. Најголемиот предизвик е што ова оружје, познато како „ghost guns“, нема сериски број и тешко се следи. Според извештајот на Ги-ТОК, такви компоненти за полуавтоматски пиштоли, како FGC-9, веќе се појавиле на црните пазари во Истанбул, по цени под 600 евра. Во февруари 2024, грчката полиција демонтираше цела работилница за 3D оружје на Самос.
„Овој извештај покажува како супермодерните технологии полека но сигурно навлегуваат на Балканот. Ако нешто може да се извлече како коментар, тоа е дека напредокот наоѓа пат и до овие простори, но негативните трендови пристигнуваат побрзо од позитивните светски текови. За среќа, полициите во земјите од регионот се сериозно подготвуваат да се справат со овој предизвик и да го спречат ширењето на ризиците од 3Д отпечатеното оружје“, коментира авторот на анализата, Александар Србиновски, координатор на Ги-ТОК.
Иако Западниот Балкан сèуште не е на листата на земји со регистрирани инциденти со 3D оружје, постои голема ризичност да ова технологија брзо стане дел од криминалниот арсенал во регионот. Согласно извештајот, неофицијални извори наведуваат дека и во Македонија се разгледуваат нови законски решенија.
3D оружјето не е само технички, туку и правен проблем. Немање унифицирани дефиниции за ваквите производи комплицира правна постапка и истраги. Затоа, според Ги-ТОК, клучно е државите во регионот координирано да воведат регулативи и практични механизми за следење и спречување на нелегалната употреба на ваква технологија.
Во време кога конфликтот во Украина го забрзува шверцот и движењето на оружје во поширокиот регион, превенцијата од сега е клучна. Доколку институциите се покажат спремни да реагираат правовремено, регионот има шанса да се заштити од новата форма на оружен ризик.