
В петок, на 13 јуни, во 19.00 часот во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Уметност во простор“ од уметниците Катерина Деспот и Касиопеја Наумоска.
Во изложбата „Уметност во простор“, авторките Катарина Деспот и Касиопеја Наумоска ја обработуваат темата на интимноста преку специфичен визуелен пристап, кој произлегува од внимателно „грабнување со поглед“ на моменти од секојдневната реалност. Преку суптилна обработка на емоциите и нивната визуелна интерпретација, го изразуваат својот карактерен уметнички манир, обидувајќи се да ги доловат и сокриат истовремено.
Интимниот ефект е постигнат преку свесен фокус врз предметната стварност, со што се гради простор исполнет со колоритна носталгија, која од една страна потсетува на плакатната уметност, а од друга страна отвора длабоки лични и емотивни слоеви преку фрагментирани еротиконски форми. Овие елементи функционираат како движечки принципи при конструирањето на интимизираната слика, каде вниманието на гледачот постојано се задржува на горниот ракурс.
Фрагментираните композиции и нивната колажна поставеност внесуваат динамика, брзина и силна женска енергија. Секое визуелно парче содржи синестетско проживување на моментот, каде линијата се трансформира во емоција, а формата во сеќавање. Авторкаите со тоа го истражуваат односот кон блиското, домашното, непомирливото и посакуваното, градејќи колаж од когнитивни распознавања и сензитивни рефлексии.
Површинскиот пријатен пастелен колорит, заедно со изненадувачките контрастни линии и материјали, создава моќен апликативен потенцијал што овозможува делата ќе бидат применливи – секаде каде што е можно нивното визуелно интегрирање.
На крајот, изложбата отвора прашања за времето – неговата брзина, недостаток и неможноста за негово фаќање. Делата не нудат затворени одговори, туку постојат како уметничка недореченост, со асоцијативна отвореност што ја поканува публиката на лично „допишување“ и интерпретација, вели Бранче Трајкоски.