
Ракометарите на Вардар утревечер ја пречекуваат Бенфика во натпревар од Главната фаза во ракометната Лига Европа. „Црвено-црните“ посакуваат со победа да му се реваншираат на португалскиот тим за поразот (35:40) во Лисабон пред две недели.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ верува дека неговиот тим може да ги освои двата бода и со тоа да ја исполни првичната цел – пласман во осминафиналето.
– Бенфика е многу тежок противник и затоа ги повикувам нашите навивачи да ја исполнат салата и да ни помогнат во остварување на целта. Со победа ќе ја постигнеме првично зацртаната цел – пласман во следната фаза. Затоа ќе кажам дека овој дуел за нас е живот или смрт. По евентуална победа ќе размислуваме за следните предизвици и евентуално бркање директно учество во четвртфинале. Сега единствено нешто што не интересира е Бенфика. На првиот наш меѓусебен дуел останавме должни на нашите навивачи и се прикажавме во лошо светло. Затоа сега посакувам реванш и да ги израдуваме нашите навивачи, изјави Чушиќ на денешната прес-конференција.
Хрватскиот ракометен стручњак ги отфрли сите шпекулации за евентуални калкулации за добивање условно полесен противник во следната фаза.
– Ако сакаме да сме голем тим, а Вардар сака такво нешто, секако ќе мора да играме со врвни екипи. А сите што ќе се во Топ 10, или Топ 12 се такви, па нема да се занимавам со гласини за калкулации. Ние мора да сме подготвени на силни натпревари секои трет ден без разлика на противниците, додаде Чупиќ.
Натпреварот ќе се игра утревечер со почеток во 20:45 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
На табелата во Групата – 3 во второто по квалитет клупско европско натпреварување, лидер е Мелсунген со 6 бода, Вардар и Бенфика имаат по 4, Кристијанштад е последен со 2 бода.
Првопласираната екипа ќе обезбеди директен пласман во четвртфиналето, додека вториот и третиот од групата ќе играат осминафинале

Македонски

