
Еден од двајцата нови странски ракометари во составот на РК Алкалоид за следната сезона е Улфар Пал Монси Тордарсон од Исланд, кој во Македонија ќе ја има првата интернационална станица.
Исланѓанецот кој има 25 години во тимот доаѓа од екипата на Валур, со која минатата сезона беше меѓу најдобрите стрелци во Европската лига на ЕХФ. За крилниот играч, настапите за РК Алкалоид ќе бидат прво интернационално искуство.
Алкалоид игра брз ракомет и тоа доста ми одговара на мојот профил. Имаме добар состав, кој сум сигурен дека ќе ме турка и јас да бидам подобар. Тоа е мојата цел со Алкалоид за следните натпревари. Го познавам Кирил Лазаров, големо ракометно име, тој е легенда. Возбуден сум што ќе работам со него. Сигурен сум дека може да ме научи многу за ракометната игра. Тој е модерен тренер кој сака брза игра, но знам дека ќе ме научи и некоја „олд скул“ финта на теренот и ќе ми го пренесе тој менталитет. Возбуден сум што повторно ќе играм во Европа. Претходно бев дел од Европската лига на ЕХФ каде имав добри партии и сега се надевам на добро претставување со Алкалоид, иако добивме незгоден ривал на ждрепката за квалификациите, изјави Тордарсон.
Алкалоид во квалификациите за Европската лига ќе се соочи со Хановер.