
Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025 ќе биде најголемиот мултиспортски настан што досега се одржал во Македонија, обединувајќи над 2.500 млади спортисти од целиот континент. Од 20 до 26 јули, Скопје, заедно со Куманово и Осиек, Хрватска, ќе биде центар на спортскиот дух, тимската работа и олимписките вредности, каде што младите ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини.
Овој фестивал нема да биде возможно да се организира без поддршка на волонтерите, кои нема да бидат задолжени само за логистиката, туку ќе бидат вистинските амбасадори на духот на ЕМОФ.Повеќе од 900 волонтери ќе бидат ангажирани во различни области и ќе имаат можност одблиску да бидат дел од еден врвен меѓународен спортски настан, стекнувајќи нови искуства, вештини и пријателства. Нивната улога опфаќа сè – од организација на спортските натпревари, пречек и водење на делегации, поддршка во медиумски активности, до создавање пријатна и инспиративна атмосфера за сите посетители. Тие ќе бидат првото лице на Скопје што ќе го сретнат младите спортисти од цела Европа.
Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 веќе го објави повикот за волонтери, нудејќи можност на сите заинтересирани лица да станат дел од ова историско случување. Секој кој има желба да биде дел од овој настан може да се пријави и да стане клучен дел од тимот што ќе го претвори фестивалот во незаборавно искуство за сите учесници. Волонтирањето е одлична можност за млади луѓе, студенти, љубители на спортот и сите кои сакаат да придонесат кон голем меѓународен проект и да ја претстават Македонија како одличен домаќин.
Атлетика, пливање, џудо, велосипедизам и гимнастика се само дел од спортовите во кои ќе се натпреваруваат младите олимписки надежи, претставувајќи ги боите на своите држави. Во рамките на фестивалот, посебен акцент ќе биде ставен на екипните спортови како кошарка, одбојка, ракомет и баскет 3×3, кои не само што ја тестираат физичка издржливост, туку и ја нагласуваат важноста на тимскиот дух и соработката. Останати спортови кои ќе бидат дел од богатата програма на фестивалот се бадминтон, кајак слалом, стрелаштво, теквондо и пинг-понг, кои ќе им овозможат на младите спортисти од цела Европа да ги покажат своите вештини и натпреварувачки дух. За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со уметничката гимнастика, која ќе се одржи во Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни локации.
ЕМОФ Скопје 2025 не е само спортски настан, туку прослава на младоста, пријателството и фер-плејот, а волонтерите ќе бидат тие кои ќе го обликуваат духот на фестивалот. Фестивалот претставува платформа која преку спортот ги обединува младите спортисти од цела Европа, промовирајќи го духот на соработка, пријателство и почитување. Со своето значење и обем, овој фестивал е шанса Македонија да го покаже својот потенцијал на меѓународната сцена, а истовремено да ја зајакне својата позиција како дел од европската спортска и културна мапа.
Доколку сакате да се приклучите на овој спортски спектакл како волонте повеќе информации можете да најдете на: https://skopje2025.sporteurope.org/skopje-volunteers/