
Светскиот шампион Италија ќе ја брани титулата во утрешното финале, откако попладнево ја совлада Полска со 3-0 (25-21, 25-22, 25-23) во полуфиналето на Светското првенство за одбојкари на Филипините.
Второто полуфинале во Пасај Сити беше реприза на последното финале на Светското првенство пред три години, во кое Италија ја совлада Полска во Катовице со 3-1, како и на овогодишното финале во Лигата на нации, во кое полската репрезентација беше победник со 3-0 во кинескиот град Нингбо.
Јури Романо беше најефикасен во редовите на Италија со 15 поени, додека најистакнат во редовите на Полска беше Вилфредо Леон со 14 поени.
Противник на Италија во утрешното финале ќе биде Бугарија, која претходно денеска ја совлада Чешка со 3-1. За Бугарија ова ќе биде прво финале по пауза од 55 години, кога во Софија загуби од поранешна Источна Германија.