Skip to main content

Македонските кошаркари го совладаа Азербејџан

Македонската машка кошаркарска репрезентација го продолжи максималниот ефект во претквалификациите за пласман на Европското првенство 2029, откако вечерва на гостински терен потешко од очекувањата го совлада Азербејџан во Баку со 78-70 и ја забележа четвртата победа во четвртиот натпревар во рамки на групата А.

Македонските кошаркари одиграа две дијаметрално спротивно полувремиња, лошо влегоа во натпреварот, дозволувајќи му почетна серија на Азербејџан од 8-0 и предност по првата четвртина од 28-19.

Македонските кошаркари делуваа конфузно и во продолжението што домаќинот го искористи за да поведе во 16 минута со највисоки плус 18 поени разлика (43-25).

Сепак, до крајот на полувремето, македонската репрезентација со серија од 9-0 се врати на едноцифрена негатива (37-44).

Стартот на второто полувреме донесе многу поорганизирана игра на „црвено – жолтите“ кои со цврста игра во одбраната и доминација во офанзивните скокови на истекот на третата четвртина дојдоа и до првото водство на натпреварот (58-56).

Со тројката на Лука Стојановски и поените на Андреј Јакимовски, водството на македонскиот состав на стартот од последниот период достигна плус седум разлика (63 – 56) која до крајот рутински ја зачуваа.

Јакимовски беше најефикасен во македонските редови со 22 поени, додека долгогодишниот репрезентативец Војдан Стојановски, кој реализираше поени, испиша историја и стана првиот кошаркар со 90 настапи во националниот дрес.

Двата завршни натпревари во групата А од европските претквалификации избраниците на новиот македонски селектор Жозеп Марија Берокал ќе ги одиграат во јули, против Република Ирска на домашен и против Луксембург на гостински терен.

Поврзани вести