Skip to main content

Омерагиќ: Во ФФМ затекнав состојба покомплицирана од очекуваното

Масар Омерагиќ, единствениот кандидат за четиригодишен мандат на чело на Фудбалската федерација на Македонија, на денешното Изборно собрание се осврна на состојбата која ја затекна од неговото доаѓање во „Куќата на фудбалот“ на 22 декември 2024 година. 

По речиси три месеци од преземањето на функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија, пред вас стојам со обврска да ви се обратам отворено, искрено и одговорно. Свесен бев дека ме очекуваат големи предизвици, но затекнатата состојба во федерацијата беше  покомплицирана од очекуваното. Во изминатите две години федерацијата имала повеќе расходи отколку приходи. Ова е сериозен предизвик што укажува на потреба од подобро планирање, поголема контрола и појасна финансиска стратегија. Само во реалното работење, федерацијата е во минус од еден милион евра, рече меѓу другото Омерагиќ во своето обраќање. 

Дополнителен проблем беше и состојбата на административната зграда, која треба да ја симболизира сериозноста и професионалноста на федерацијата. Се соочивме со предизвици и во односите меѓу вработените, што дополнително влијаеше на ефикасноста на работењето, додаде првиот човек на ФФМ кој денес сосема извесно ќе добие полн четиригодишен мандат.

Но, наместо да се навраќаме на минатото, наша должност е да гледаме напред и да работиме на подобрување на состојбата. Веќе преземаме конкретни чекори како, финансиска ревизија на сите досегашни проекти, со цел да обезбедиме поголема транспарентност, нова стратегија за инвестиции во инфраструктура, насочена кон реалните потреби на клубовите, а тоа се терени за тренинг и терени за натпревари, особено во Првата и Втората лига, строг надзор над трошењето на средствата, за да се осигураме дека инвестициите одат во вистински проекти што ќе донесат долгорочни резултати, потенцира Омерагиќ.

На Собранието присутни се 65 од вкупно 66 делегати од Општинските фудбалски Сојузи и клубовите во рамки на системот на натпревари на нашата федерација. 

Поврзани вести