Skip to main content

Манчини ќе ја спасува Сампдорија од испаѓање од втората лига

Клупските легенди Роберто Манчини, Атилио Ломбардо и Алберико Евани се враќаат во Сампдорија за да се обидат да го спасат италијанскиот фудбалски гигант кој преживува тешки моменти.
Откако пред две сезони испадна од Серија А, Сампдорија сега е и на прагот на испаѓање и од Серија Б.
Клупското раководство вчера им врачи отказ на тренерот Леонардо Семпличи и неговиот штаб, клубот ќе се обидат да го спасат поранешните легенди Манчини, Евани и Ломбардо.


Евани, кој беше помошник селектор на репрезентацијата кога Италија под водство на Роберто Манчини го освои ЕУРО 2020, е назначен за нов тренер на Сампдорија. Ломбардо ќе му биде помошник, а во спасувачката операција се вклучи и Манчини.


„Роберто е со нас и сигурно ќе ни помогне да се вратиме на вистинскиот пат. Неговата улога не е формална, пријателите не мора постојано да бидат таму, но неговото присуство секако ќе биде постојано и ќе се чувствува“, изјави претседателот на клубот Матео Манфреди.


Манчини го носеше дресот на Сампдорија 15 години и е рекордер на клубот според бројот на настапи (567) и голови (171). Беше дел од тимот што го освои единственото „скудето“ во клупската историја во 1991 година, како и Купот на победниците на куповите (1990 година).