Skip to main content

Светската електронска музичка ѕвезда Burak Yeter гостин на Фестивалот „Скопје се лади“ на 5 септември

По успешното прво издание, фестивалот „Скопје се Лади“ се враќа по втор пат и на 5 септември ќе го претвори Стадионот на АРМ во Скопје во најголемата летна музичка сцена во државата.

Годинашниот фестивал носи ексклузивен настап на светски познатиот DJ и продуцент Burak Yeter, кој првпат доаѓа во Македонија. Автор на глобалните хитови “Tuesday” и “My Life Is Going On”, препознатлива како главна тема на серијата Money Heist, Burak Yeter е едно од највлијателните имиња на современата електронска музика.

Неговиот хит “Tuesday” беше број еден во повеќе од 80 земји, а видеото има над 820 милиони прегледи на YouTube и повеќе од една милијарда слушања и прегледи на сите дигитални платформи. Добитник е на престижни меѓународни музички награди, редовно се наоѓа на DJ Mag Top 100 DJs листата, а зад себе има настапи на најголемите светски фестивали, меѓу кои Tomorrowland, Ultra Music Festival и Parookaville. Воедно, Burak Yeter е и првиот DJ во светот кој одржал настап во стратосферата.

Покрај главната ѕвезда, фестивалската програма ќе ја збогатат и едни од најдобрите домашни и регионални артисти:

Boogieman – препознатлив по своите енергични фестивалски настапи;
Anastas – еден од водечките претставници на македонската електронска сцена;
Marga Sol – интернационално призната DJ и продуцентка со повеќе од две децении кариера и стотици музички изданија објавени преку светски дискографски куќи;
DJ Aya, која ќе обезбеди непрекинат музички тек и енергија во текот на целата вечер.
Посетителите ги очекуваат повеќе од пет часа врвна електронска музика, современа продукција, спектакуларни светлосни и сценски ефекти и атмосфера каква што досега ретко била видена во Скопје.

Фестивалот се реализира со поддршка на Град Скопје, а меѓу партнерите се Златен Даб како пивски партнер и Park Hotel & Spa како hospitality партнер.

Билетите се веќе пуштени во продажба, а организаторите очекуваат илјадници посетители од Македонија и регионот да бидат дел од второто издание на фестивалот „Скопје се Лади“.

Поврзани вести