Skip to main content

„Прстен за неа“ – музички проект на НУ Центар за култура-Битола и Сефедин Бајрамов

Националната установа Центар за култура денеска на прес – конференција го промовира музичкиот проект, концерт „Прстен за неа“, кој на 12 февруари во Битола ќе го одржи Сефедин Бајрамов.

Во изјава за медиумите, директорот на НУ Центар за култура-Битола, Сашо Илковски истакна дека станува збор за концерт важен програмски настан кој се подготвувал подолго време.

-Нашиот Сефедин Бајрамов ќе настапи со Камерниот оркестар на Битола и неговите гости, односно Ана Петановска и Виктор Апостоловски. Концертот „Прстен за неа“ нема да биде обичен концерт, туку музичка приказна посветена на љубовта, емоциите и вечните песни кои не се забораваат и се пејат- нагласи Илковски.

Сефедин Бајрамов е со богата музичка кариера чии почетоци датираат од 22 декември 1972 година кога прв пат запеал во родниот град, членувал во професионалниот воен оркестар на Офицерскиот дом, а во 1974 година победил на фестивалот „Златен глас на Битола“.

-На концертот ќе исполнам песни од мојот репертоар и од автори со кои долги години соработувам. Јас сум препознатлив со мојот музички ракопис, изведувам мелодии со лирско емотивна содржина, а така ќе биде и на претстојниот концерт. Очекувам музички хепенинг исполнет со слушани но и песни кои прв пат ќе ги исполнам на личен концерт- истакна Бајрамов.

Концертот „Прстен за неа“ е именуван според песна напишана од м-р Валентин Соклевски, музичка нумера која ја пеат лица од сите генерации.

-Концертот на Сефедин Бајрамов ќе содржи прекрасна лепеза на композиции, а јас како текстописец мора да кажам дека со задоволство соработувам со Сефедин Бајрамов или како што јас го нарекувам „битолскиот славеј“ со „кадифен глас“. Песната „Прстен за неа“ е инспирирана од вистинит случај, напишана е во 2007 година и среќен сум што оваа моја песна ја пее Сефедин Бајрамов, извонредна композиција за која музиката ја подготви Миодраг Нечак-Микс. Но, освен песната „Прстен за неа“ сум напишал и други текстови за песни кои ги пее Бајрамов- истакна текстописецот Соклевски.

Со концертот „Песна за неа“ продолжува серијалот културни настани организирани од НУ Центар за култура-Битола. 

Поврзани вести