Skip to main content

Ние сме вакви затоа што сте вие такви во публиката, кажа Бранко Николов од Фолтин на концертот во Македонска филхармонија

Ние сме вакви затоа што сте вие такви во публиката, кажа Бранко Николов, вокалот на групата „Фолтин“ која вечерва, на 22 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија одржа концерт по повод големиот јубилеј, 30 години постоење на сцената.

Полното гледалиште во Филхармонија заедно со Николов ги пееше песните, а публиката коментираше па зарем поминаа три децении?

Ќе ви благодармие уште многу за оваа прекрасна вечер, на сите ќе ви пишам, се обрати Николов кон посетителите на концертот кои беа со различна возраст, но со иста страст и љубов кон музиката на „Фолтин“.

Ако првиот дел помина условно кажано мирно, со „Месечно“, „Ми се води љубов“ „Кој може да расипе еден ваков ден“, „Несоница“, „Мачка во вреќа“, „Недопрена“, „If you touch me I’ll die“ со „Двојка“ публиката стана на нозе и после се беше поинаку. Следеше музика од филмот за Дионис „Аvec l’amour“, потоа „Симултан бакнеж“ и за крај двете песни кои, како што рече Николов, го одбележаа „Фолтин“ – „Милице“ и „Везилка“, кои Николов ги испеа со публиката. Бисот беше неизбежен, повотрно „Ела си в кревет“ и „Слободната љубов“, за тотален делириум во салата.

Триесетгодишната кариера на Фолтин опфаќа десетина студиски албуми и впечатлив број соработки во театарот и филмот. Тие имаат потпишано музика за повеќе од триесет театарски претстави, но и за значајни македонски филмски проекти како „Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“ и интернационално наградуваниот документарец „Медена земја“. Овој богат опус ја потврдува нивната важна улога во современата македонска култура, но и способноста нивната музика да живее надвор од концертната сцена.

Актуелниот состав на Фолтин го сочинуваат: Пеце Николовски – кларинет, каос-пад, усна хармоника;Пеце Трајковски – електронски акордеон, електрична гитара; Гоце Јованоски – бас; Славчо Јовев – тапани и Бранислав Николов – вокал.

Настанот го организираше МГ Мјузик Продукција.

Поврзани вести