
Денеска на програмата на втората фестивалска вечер на 44. Скопје џез фестивал се два концерти- од 20 часот прв ќе настапи Марк Рибо, со проектот Map of a blue city, а во 22 часот ќе следува Kahil El’Zabar’s Ethnic Heritage Ensemble.
Марк Рибо е роден во Њуарк, Њу Џерси во 1954-та година, а музичкиот пат го започнува под менторство на хаиќанскиот композитор и гитарист, Франц Касеус. По преселбата во Њујорк на крајот на 1970-тите, Марк Рибо нурка длабоко во музичката ризница и се позиционира како извонреден гитарист. Меѓу соработките од оваа ера се оние со Launge Lizards, Брадер Џек Мекдаф, Вилсон Пикет, Чак Бери… Во 1985-та со Том Вејтс и неговиот култен “Rain Dogs” успеваат да отворат сосема ново поглавје во американската музика и веќе не постои никаков сомнеж за неговата беспрекорна иновативност. Рибо е забележан како учесник во речиси 600 изданија, импозанта бројка во која се вклучени и преку 25 негови лични проекти, секој влијателен на свој начин. Ретки се артистите со олку плодно резиме во кое се наоѓаат и групите со Роберт Плант и Алисон Краус, Елвис Костело, Дајана Крол, Мариса Монте, Арто Линдзи, Каетано Велосо, Нико Кејс, Соломон Берк, Џон Зорн и многу, многу други. Неговиот последен соло проект, “Map of a blue city” Марк Рибо го живее речиси 30 години. И ова е првата плоча која целосно гравитира околу неговото пеење. Албумот е синтеза на повеќе правци: традиционална американска музика, блуз, боса нова, ноу вејв, нојз и фри џез. Сѐ во една совршена целина која наиде на фабулозни реакции како од обожавателите, така и од критиката.
Кахил Ел Забар преку пет децении е еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго. Како член на иновативната организација AACM (Association for the Advancement of Creative Musicians), на чие чело беше неколку години, тој е учесник во долга низа на успешни проекти. Ethnic Heritage Ensemble го основа во 1974-та. Со својот состав во кој учествувале плејада врвни артисти, тој дополнително ги истражува врските меѓу афро-американската музика, пред сè џезот, со потрадиционалните африкански инструментации и ритми. Дефинициите од типот – „спиритуално“ и „импровизаторско“ недоволно го опишуваат мултидимензионалното, возбудливо, образовно и прогресивно јадро на неговиот опус. Едноставно, ова е црнечка музика во својата најчиста форма. Минатата година, aнсамблот ја прослави својата 50-годишнина со албумот “Open Me, A Higher Consciousness of Sound and Spirit” кој наиде на одличен прием. Тука, Ел Забар нуди спиритуален амбиент, но и опуштен свинг кој во ниеден момент не го губи грувот. Во неговото резиме, меѓу другите, вбројани се соработки со Дизи Гилеспи, Дон Чери, Арчи Шеп, Кенонбол Адерли, Нина Симон, Стиви Вондер, Дејвид Мареј.
Фестивалот беше отворен синоќа со настапот на Андреј Јагоѓински трио од Полска, кои од класиката создадоа џез видување, а следуваше енергичниот концерт на Националниот џез оркстар предводен од Зиги Хајгл, а со Луис Бониља. Фестивалот го прогласи за отворен Оливер Белопета, кој им се заблагодари на сите што го помогнаа.