Skip to main content

Концерт на Крсте Роџевски и Томика Рид во Филхармонија на 13 септември

Фејсбук профил на Крсте Роџевски

На 13 септември од 20, 30 часот во Филхармонија, концерт ќе одржи македонскиот кантавтор Крсте Роџевски кој живее во Њујорк, заедно со американската челистка Томика Рид.

Музичката соработка меѓу Крсте Роџевски и Томика Рид започна пред десетина години, кога Рид свиреше виолончело на ‘Bitter Almonds’, вториот студиски албум на Роџевски. Подоцна, таа свиреше и на синглот „Горно Дупени“, како и на новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, кој Роџевски го напиша за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. За време на пандемијата, Роџевски го сними албумот ‘Fair Weather Friends’, љубовно писмо до Чикаго, со елитата на чикашката џез и експериментална сцена, во кој Томика повторно учествуваше, како дел од музичката екипа. Интересен факт: за време на Ковид пандемијата, Крсте и Томика живееа извесен период во истото маало во Чикаго – Вест Луп, кадешто го продлабочија своето пријателство, инсајд хуморот и размената на идеи и концепти. Оттаму разиграноста и детската спонтаност во нивните изведби, во кои големите идеи се претставени на соголен и едноставен начин.

Ова е вторпат Крсте и Томика да настапат на иста сцена во Македонија. Првиот беше на OFFest 2019, кога во живо изведоа композиции од првите три албуми на Роџевски, заедно со Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Мајкл Бланко и Кирк Кнафке.

Крсте Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 90тите. Зад себе има седум студиски албуми за издавачки куќи во САД и Грција, во кои соработува со плејада истакнати музичари од даунтаун сцената на Њујорк и Чикаго, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид итн.

Томика Рид е добитничка на грантот за генијалци на Фондацијата МекАртур. Таа е дел од AACM, Art Ensemble of Chicago, Artifacts Trio (со Никол Мичел и Мајк Рид), триото со Крег Тејборн и Чес Смит, нејзиниот сопствен квартет со Мери Халворсон, Тома Фуџивара и Џејсон Робке и многу други. Таа беше професор на престижниот Милс Колеџ и основач на Chicago Jazz String Summit, кој го предводи од 2014.

Поврзани вести