
На 24.09.2025 (среда) во кафе барот Котур во Скопје, со почеток од 18 часот, ќе се одржи слушачка промоција на вториот албум на скопскиот бенд Карла Левински – Нова зграда LP, издание број 113 за Шарла Рекордс
Карла Левински е авторски проект на познатиот скопски гитарист Сеад Хаџиќ – Сецко (Last Expedition, Мугер Фугер, Exic), кој го стартуваше минатата година со успешниот истоимен деби албум. Година дена подоцна Сецко повторно ја собра својата ол-стар екипа за да го реализира и вториот албум – Нова зграда.
Истиот бескомпромисен став, сиров панк звук и анархистички текстови остануваат главното форте и на овој материјал. Песните се звучно послоевити, во поширок стилски опсег и полни со енергија на директен културно-политички протест во овие турбулентни времиња. Храброст, искреност и цврстина во секој тон, тоа се можеби трите најважни карактеристики на албумот Нова зграда на Карла Левински.
Во реализацијата на ова издание покрај Сеад Хаџиќ – Сецко, учествуваат: Огнен Мангаровски – Оки, Виктор Гајтановски, Сашо Митревски, Андреј Атастасов Даскаловски – Еди, Андреа Салпе, Андреј Коларовски и Стефан Момиќ.
Албумот е снимен во домашното студио на Сеад Хаџиќ – Сецко, миксот го изработи Горан Трајкоски – Готра, а дизајнот на омотот е на Даниела Хаџиќ.
Албумот излегува како дигитално издание и ќе може слободно да се симне од бендкемп страната на Шарла Рекордс.