Skip to main content

Бијонсе првпат во кариерата доби Греми за албум на годината

Албумот на американската пејачка Бијонсе „Cowboy Carter“ синоќа освои Греми за најдобар албум на годината, додека „Not Like Us“ на Кендрик Ламар беше прогласена за најдобра снимка и песна на годината во Лос Анџелес на 67. доделување на најпрестижните награди во светот на музиката.

Бијонсе имаше дури 11 номинации за нејзиниот осми студиски албум „Cowboy Carter“, а беше наградена и за најдобар албум и најдобар кантри албум.

Американската суперѕвезда триумфираше над Тејлор Свифт, Били Ајлиш и другите за да го добие трофејот за најдобар албум, кој никогаш досега го нема освоено и покрај номинациите.

Доделувањето на наградите се одржа во арената Crypto.com во Лос Анџелес, иако многу јавни настани беа откажани поради разорните пожари, а дел од церемонијата беше посветен на трагедијата што го погоди еден од најголемите американски градови.

Американскиот рапер Кендрик Ламар ја доби наградата Греми за најдобра снимка и песна на годината за „Not Like Us“, инспириран од конфликтот со неговиот најголем ривал Дрејк.

Овогодинешните Греми награди се дизајнирани да бидат дел од собирање средства за луѓето погодени од огромните пожари што го зафатија Лос Анџелес, при што загинаа 29 луѓе и раселени илјадници, вклучително и многу музичари.

Поврзани вести