
По околу три месеци од премиерата во земјава, филмот „Сите го викаат Реџо“, во режија и сценарио на Ибер Деари, обиколувајки ги кино салите во регионот ја доживеа и светската премиера.
На меѓународниот фестивал БИФФ во Бари, Италија, дебитантскиот филм на Деари ја доби наградата – најдобар лм во категоријата „Меридијана“ посветена на филмови од медитеранскиот регион, соопшти Мануфактура Продукција.
Жирито едногласно ја додели наградата, со образложение дека „филмот се истакнува со неговото мајсторство во визуелизирањето на приказната за отпорот и надежта, за интелигентната монтажа, строгоста на режијата, сложеноста на актерските изведби како и за деликатното и иронично сценарио кое вешто ја раскажува приказна за отпор и надеж“.
Наградата ја прими режисерот Ибер Деари придружуван од главните актери Африм Мучај, кој ја игра улогата на Реџо, како и Адријана Матоши, која ја толкува улогата на Хира.
Фестивалот имаше две натпреварувачки програми: меѓународен натпревар посветен на киното на медитеранските земји (Меридијана) а другата, на италијанската кинематографија, во која беа вклучени играни и документарни филмови.
Филмот „Сите го викаат Реџо“ е во продукција на Мануфактура Продукција од Скопје и е поддржан од Агенција за филм на РС
Македонија. Продуцент на филмот е Сашо Павловски, снимател Дарио Секуловски, монтажата е на Авди Тачи, музиката е на Дарко Спасовски и Игор Василев Новоградска, костимите на Жаклина Крстевска, шминка на Жанета Димитриевска, а Адријан Кадриу беше задолжен за сценографијата. Линиски продуцент е Илија Циривири, а косценарист е Артин Селмани./