Skip to main content

Репортажи од „Филмски новости“ од Белград и Филмски архив чешки новости денеска во Кинотека

14 МАРТ (ПЕТОК) 20:00 ч.

РЕПОРТАЖИ ОД „ФИЛМСКИ НОВОСТИ“ ОД БЕЛГРАД (1953-1955)

Една од основните дејности на Кинотеката, поточно на Одделението за прибирање, заштита, обработка и чување на филмови и филмски материјали, односно на Филмскиот архив при Кинотеката – е токму прибирањето на филмови и придружни филмски материјали кои се поврзани со Македонија. Кинотекатa редоследно и претходната 2024 година набави 37 репортажи од „Филмски новости“ од Белград, снимени во периодот меѓу 1953-1955 година во времетраење од 76 минити. Некои од овие кратки црно-бели репортажи се без тон или имаат нарација на српски јазик и одлично ја отсликуваат атмосферата на животот во тогашна Македонија, со теми кои ги опфаќаат индустриските, културните, спортските и туристичките сегменти во земјата и пошироко. Така, ќе бидат прикажани репортажи за изградба и развој на индустриски капацитети, порцелански комбинат – Велес, текстилна фабрика ,,Борис Кидрич”- Битола, фабрика за хромни производи и феролегури – Тетово, трафостаница во Скопје, фабрика за автобуси „11 Октомври“, скијачко и падобранско првенство и други спортски настани, изложба на ликовните уметници, од активностите на Фолклорниот институт, археолошко откритие во во Демир Капија, заштита на икони во црквата Св. Спас, прослави на годишнини, промоција на првите лекари во Скопје, одржување на Петти скопски саем, училиште во село Бојанчиште и друго.

Покрај журналите, од Филмске новости набавен е и краткометражниот игран филм „Се случи во Скопје“ (1964), во сценарио и режија на Ото Денеш, а во продукција на Филмске новости Белград. Филмот е комплетен, српски титли, англиска верзија, во времетраење од 26 минути и 19 секунди. Во фокусот на филмот е катастрофата која засекогаш ќе го промени ликот и животот на Скопје. Невена на железничката станица во Скопје го пречекува Арне Холм, кој подарил монтажна куќа на настраданото скопско семејство и доаѓа во посета на новоизграденото Скопје.

ФИЛМСКИ АРХИВ ЧЕШКИ НОВОСТИ

Рилски манастир (фрагменти од семејниот филмски фонд на Прокоп Макс)

Патување на делегацијата на Народното собрание на Република Чехословачка во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во 1926 година

Југославија (документарни снимки од градовите Белград, Загреб, Скопје и Сплит, 1926).

Кинотеката, пред неколку години започна со истражување, идентификација, пронаоѓање и прибирање на филмови и филмски материјали кои се однесуваат или се снимени во Македонија, до крајот на Втората светска војна, со цел збогатување на збирките, фондовите на кинотека и нивно зачувување.

Како резултат на овие истражувања, во 2023 година, од АЈ Филмскиот музеј од Амстердам, Кинотеката доби 4 наслови, а минатата 2024 година, од Народниот филмски архив од Прага, доби 3 наслови: „Патување на делегацијата на Народното собрание на Република Чехословачка во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците од 2-ри до 12-ти октомври 1926 г.“ (документарни снимки од посетaта на пратеници од Народното собрание нa Чехословачка) и „Југославија“ (документарни снимки од градовите Белград, Загреб, Скопје и Сплит, 1926).

Истражувањето продолжува и годинава сме во интензивна преписка со францускиот филмски архив, CNC (Centre national du Cinéma) од Париз и со Архивот на француската армија, ECPAD (Établissement de Communication et de Production Audiovisuelle de la Défense), како и со Белгиската Кралска кинотека од Брисел.

Проекциите ќе бидат пропратени со музика од Андреј Татарчевски, музичар во Скопје. Зад себе има два самоиздадени соло албуми (Cycle 1 и Исечоци), како и еден албум со проектот Chautauqua, на кој се појавува во улога на изведувач и продуцент. Настапува соло, во дуото Намуз и во различни неформални музички состави.

Поврзани вести