Skip to main content

Полска: САД позитивно гледаат на идејата за постојана воена база на полска територија

Американското Министерство за одбрана е отворено за предлогот на Полска за воспоставување постојана американска воена база во земјата – изјави денеска полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш по средбата со неговиот американски колега Пит Хегсет во Брисел.

Полска се залага за поголемо присуство на сојузничките сили на источното крило на НАТО уште од почетокот на руската инвазија врз соседна Украина во 2022 година.

– Денеска имав можност да разговарам со американскиот секретар за одбрана. Разговаравме за колективната одбрана и за соработката – изјави Косињак-Камиш пред новинарите во Брисел.

Тој додаде дека САД позитивно одговориле на полскиот предлог за воспоставување постојана американска воена база на полска територија.

Сепак, нагласи дека сè уште не е донесена конечна одлука.

Во моментов американските војници распоредени во Полска се ротираат на редовна основа.

Хегсет вчера најави ревизија на распоредувањето на американските сили во Европа и предупреди дека Вашингтон би можел да престане со исполнување на дел од своите обврски во НАТО доколку сојузниците кои заостануваат не ги исполнат обврските за одбранбените трошоци.

Обраќајќи им се на министрите за одбрана во седиштето на НАТО во Брисел, Хегсет рече дека ревизијата ќе трае до шест месеци и ќе вклучува консултации со американскиот Конгрес, кој усвои закон со кој се утврдува минимален број американски војници во Европа. 

Поврзани вести