
Влатко Миладиноски ја претставува својата најнова песна и видеоспот со наслов „Михаела“, емотивна балада создадена во соработка со неговиот брат Златко Миладиноски.
Станува збор за песна која носи посебна симболика, бидејќи за првпат во македонската музика е опејувано името Михаела. Песната е инспирирана од вистинска приказна и претставува музичка посвета за една млада Македонка која живее во Италија.
Автор на музиката и аранжманот е Златко Миладиноски, додека текстот го потпишува Ѓорѓи Калајџиев. „Михаела“ претставува поинакво музичко издание за Влатко Миладиноски, кој овојпат се претставува со балада што значително се разликува од неговиот препознатлив стил и музички опус .
Дополнителчна вредност на проектот му дава и учеството на легендарниот гитарист Петар Ренџов, кој за првпат се појавува како гостин на една фолк композиција. Ова е неговата прва музичка соработка со Влатко и Златко Миладиноски, а дополнителен мотив за неговото учество е фактот што и неговата ќерка го носи името Михаела.
Видеоспотот е во продукција на Moonlight и беше реализиран на три различни локации. Првиот дел од снимањето се одвиваше во Италија, каде што беа снимени Михаела и нејзиниот партнер – луѓето кои ја инспирираа оваа музичка приказна. Втората локација беше во Скопје, каде што беа снимени сцените со Петар Ренџов, додека финалните кадри беа реализирани во Валандово, на прекрасната фестивалска сцена, каде што Влатко и Златко Миладиноски настапија придружувани од голем оркестар.
Авторите упатуваат искрена благодарност до градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев, за поддршката при реализацијата на проектот, како и до сценографот Зоран Тошески, видео-аниматорот Македонка Тошевска и тимот на Mobi Sound за нивната професионална техничка поддршка.
„Михаела“ е песна што носи искрени емоции, љубов и носталгија, преточени во музика која ќе допре до секој што некогаш сакал, чекал или посветил песна на некого.

Македонски



