
На Меѓународниот филмски фестивал од Нанси-Франција, кој годинава го славеше своето триесетто издание, премиерно беше прикажан првиот долгометражен филм на Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет“
Француската публика која со долги аплаузи го награди филмот, имаше можност на големиот екран поставен во дворот на Мануфактурата (поранешна фабрика за цигари, а сега културен центар) во Нанси, преку „Диџеј Ахмет“ да ги види прекрасните пејзажи од Македонија.
Единствен недостаток беше отсуството на членовите на екипата на филмот, кои не можеа директно да одговараат на прашањата на гледачите, но нив ги замени претседателот на фестивалот и дописник на повеќе македонски медиуми од Франција – Тони Гламчевски, кој од 2013 година е претседател и главен селектор на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси.
Тој како прв човек на фестивалот, се обидува скоро секоја година да има барем еден македонски филм, краткометражен или долгометражен. Годинава тоа беше овозможено со директна помош од режисерот на „Диџеј Ахмет“, Георги М. Унковски и од француската дистрибуција на филмот КБО, која веќе го подготвува за прикажување во киносалите во Франција.
Покрај „Диџеј Ахмет“ на фестивалот во Нанси беше прикажан и црногорскиот филм „Живи и здрави“ на режисерот Иван Мариновиќ, кој е со македонска копродукција.
„Диџеј Ахмет“ е копродукција на „Синема Футура“ и „Сектор Филм“ од Македонија, „Алтер Вижн“, „Бекрум Продакшн“ и „Аналог Вижн“ ид Чешка, „365 Филмс“ (Грција) и „Баш челик“ (Србија). Меѓународната продажба на филмот ја врши „Филмс Бутик“.