Skip to main content

Почнува Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“

Од денеска до 1 октомври во Младинскиот културен центар и во Кинотеката ќе се одржи 13-то издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Фестивалот вечерва ќе го отвори амбасадорот на Република Италија, Паоло Палминтери во 20 часот, во киното „Фросина“, а потоа ќе биде прикажан филмот „Засекогаш со тебе“ (Io non ti lascio solo) на режисерот Фабрицио Катани. Овој филм неодамна ја имаше светската премиера на Филмскиот фестивал во Локарно. Влазниците за отварањето на фестивалот се бесплатни.

Во наредните шест дена Скопје ќе биде домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина младинци од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји ќе бидат сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје. Сите учесници на фестивалот го сочинуваат жирито поделено во три категории според возраста: јуниори (од 10 до 14 години), кадети (од 14 до 16 години) и сениори (од 17 до 19 години). Сите проекции на филмови, работилници и содржини наменети за младите учесници на фестивалот се целосно бесплатни.

Во рамките на Creative You(th) Talks конференцијата ќе бидат претставени млади автори и иницијативи и ќе се дискутира за теми кои ја засегаат младата генерација. Младите автори Бојан Василев и Беса Туша од Скопје, ќе ги презентираат своите кратки филмови и ќе дискутираат за креативноста, но и за креативното творење како мотивација.

Младите документаристи од последната генерација на „Докуникулци“ ќе ги прикажат трите нивни кратки документарни филмови кои ги направија ова лето во рамките на филмската школа на „МакеДокс“ и ќе дискутираат су учеџниците.

На презентацијата на UWC (United World Colleges) ќе биде презентирана можноста средношкочците да го завршат средното образование на едно од 18-те училишта во разни земји во светот и како и добивање на една од 10 стипендии за средношколци од целата држава кои македонскиот комитет на UWC ги доделува.

На дискусијата со Теодора Милевска (едукатор и истражувач, посветена на унапредување на родовата еднаквост) ќе се надоврзата на документарниот филм „Девојките не плачат“, кој следи шест храбри тинејџерки од целиот свет, секоја соочена со уникатни предизвици, но обединети од една желба: да живеат слободно и според свои услови. Има многу прашања кои треба да се дискутираат. Како девојките се движат низ свет кој често се чини повеќе рестриктивен отколку слободен? Дали на девојките им е потребна инспирација и моќен повик за вистинско женско јакнење – и подобар, послободен свет за следната генерација?

Повод за разговор ќе биде и филмот „101% – Кој ги контролира вашите избори?”, снимен под покровителство на италијанската полиција, како дел од кампањата за подигање на свеста за сајбербезбедноста на младите и водич во дигиталниот свет, заштите на приватноста и контролата на личните податоци онлајн.

Покрај тоа ќе се одржи и работилница “Young Europeans meet the Italian Youth Agency“ на која ќе учествуваат учесниците од повеќе земји и ќе се запознаат со активностите на Италијанската младинска агенција, која управува со европските младински програми во Италија и со многу иницијативи и можности за промовирање на учеството, инклузијата, талентот и креативноста кај младите.

На фестивалот ќе се придружи и Клаудио Губитози, основач и директор на Филмскиот фестивал Џифони од Италија на чија иницијатива пред 13 години беше создаден фестивалот „Џифони Македонија“ како еден од најважните столбови на „Џифони“ визијата во балканските земји.

На крајот од фестивалот, меѓу учесниците кои ќе бидат најактивни во дискусиите и работилниците, ќе рециклираат и ќе бидат добри домаќини на гостите од странство, најдобрите 12-мина ќе бидат избрани за учество на Филмскиот фестивал Џифони во Италија во 2026 година и како и други меѓународни фестивали во Европа.

Свеченото затворање на фестивалот е на 1 октомври со почеток од 19 часот и ќе претставува презентација на целата креативната работа кои учесниците ја направиле на седумте работилници во текот на петте дена. Ќе бидат изложени сите фотографии и стрипови и ќе се прикажат сите кратки филмови направени од учесниците во текот на фестивалот.