
Четири кратки филма од македонската продукција ќе бидат прикажани вечерва во 19 часот во киното „Синеплекс“ во Скопје. Бесплатните проекции се дел од програмата на Агенцијата за филм за популаризација на македонскиот филм. Ќе бидат прикажани: „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова и „Пепи и Муто“ на Георги Унковски. По проекциите ќе следува разговор со дел од авторите на филмовите.
Сценариото на „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“ е инспирирано од краткиот расказ на аргентнскиот писател Фернандо Сорентино. Оваа фелиниевска комедија, распослана низ сивилото на правливите сокаци и напукнатите згради на Скопје, ја раскажува приказната за Петар, локален маргиналец и дежурен губитник, кому секој нареден ден му е полош од претходниот главно поради неговата инертност, повлеченост и неспособност да се справи со сопственото секојдневие. Се’ додека, еден ден… мистериозен, безимен, молчелив посетител не се појави од никаде и комплетно го менува животот на Петар… Улоги: Игор Ангелов, Петре Арсовски, Владо Јовановски, Милиана Ленак, Јовица Михајловски, Зоки Џубокс, Роберт Велјановски.
Во „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, Ема e продавачка и работи ноќна смена во продавницата. Таа е млада девојка, облечена во старомодна облека. Како и секоја вечер, таа им служи на купувачите во доцните часови, но, ни од далеку не ја чуствува опасноста што ја демне одблизу таа вечер. Филмот започнува како типичен трилер, со тензична атмосфера и лажни параметри кои наведуваат дека ќе се случи разбојништво. Кратко потоа се добива неoчекуван пресврт, давајќи му нова психолошка и сексуално возбудлива димензија. Улоги: Славиша Кајевски, Драгана Левенска, Кристина Леловац, Александар Микиќ, Оливер Митковски Директор на фотографија: Ѓорѓи Клинчаров Монтажа: Владимир Павловски. Продуцент – Томи Салковски.
Во напуштено македонско село последниот жител, дедо Милојко, го посетува гробот на неговата сопруга. Таму внимателно си ја планира сопствената смрт во празниот гроб до нејзиниот. Неговиот план се чини совршен се додека едно утро не се соочи со уште постар човек, дедо Јанко, кој седнал на другата страна од празниот гроб. Јанко тврди дека отворениот гроб е на родителите и си го кандисал за себе. Двајцата мажи почнуваат да се расправаат за тоа кој ќе умре во последниот гроб. Во апсурден пресврт, борбата за смрт на Милојко се претвора во борба за животот на човекот кој не го ни познава. Ова е приказната на „Борба за смрт“. Улогите ги толкуваат: Мите Грозданов и Илија Струмениковски. Продуцент и монтажер: Гоце Кралевски Кинематограф: Димо Попов.
Принуден на предвремено пензионирање, детективот Пепи е задолжен да го научи младиот Муто неговата замена, како да стане вистински инспектор. Оваа крими комедија го следи запознавањето и првиот заеднички случај на искусниот полициски инспектор Пепи и насмасниот Муто. Неверојатното партнерство на ова дуо продолжува со отворање на приватна детективска агенција. Играат: Зоран Љутков, Никола Ацевски, Сашко Коцев, Петар Мирчевски и Јордан Симонов. Директор на фотографија: Димо Попов. Монтажа: Благоја Неделковски Сценографија: Владимир Зафирковски Костимографија: Жаклина Крстевска. Продуцент – Дарко Попов.

Македонски



