Skip to main content

Оркестар DIVA со премиера на „Industrial Symphony“ во МКЦ Скопје

На 13 мај 2026 година, со почеток во 20:30 часот, во МКЦ Скопје, Оркестар DIVA ќе го претстави својот алтернативен концертен проект Industrial Symphony – музичко доживување кое спојува оркестарска изведба, електронска енергија, индустриски звук и моќна сценска атмосфера.

По проектите со кои Оркестар DIVA веќе ја освои публиката низ Македонија, овојпат во Скопје доаѓа концерт со поинаква естетика и сосема различна енергија. Industrial Symphony е проект создаден за публика која сака концерт што се чувствува силно, директно и интензивно – од првиот до последниот такт.

На програмата ќе се најдат композиции инспирирани од музиката на Prodigy, Rammstein, Chemical Brothers, Nine Inch Nails, Laibach и други артисти кои оставиле силен белег во електронската, индустриската и алтернативната музичка сцена. Ова се песни кои ретко се изведуваат во оркестарски формат поради нивната ритмичка сложеност, специфичен звук и енергија која бара прецизна и храбра сценска поставеност.

Токму затоа, Оркестар DIVA го поставува овој проект како еден од своите најсмели концертни концепти – обид да се покаже дека оркестарот може да звучи и класично, и модерно, и агресивно, и урбано, без да ја изгуби својата автентичност.

На сцената, заедно со Оркестар DIVA, ќе настапат Жарко Јакимоски од Backdoor Band, Јасна Димитровска и Огнен Димовски, кои со својот сценски израз дополнително ќе ја засилат енергијата на концертот.

Industrial Symphony e музички судир на различни светови – оркестарски звук, електронски пулс, моќни вокали, индустриска атмосфера и ритам кој ја движи публиката.

Концертот ќе се одржи на 13 мај во МКЦ Скопје, со почеток во 20:30 часот.