
Изминатите четири денови поминаа брзо, како на филмска лента, но веруваме дека ги исполнивме вашите очекувања, а поетските лауреати во Паркот на поезијата беа добри домаќини на филмските вечери. Проследивме 6+8+9+6 филмови во Х категории, работилница за филмска критика „Соочување со минатото“, мастер-клас со Никола Ристановски, филмска програма во склоп на катчето за Виртуелна реалност, мастер-клас со реномираниот директор на фотографија Флоријан Хофмајстер, еко-филмска програма во соработка со Еко-свест и Холандска вечер во соработка со фестивалот „Гоу Шорт“. Фестивалските вечери се заокружуваа со музичка ОФФ програма со диџеј сетови на Андреја Салпе, Чима и Андреј Мицајков.
Овогодишното жири со група истакнати филмски професионалци во состав Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гуидо Казале и Бранко Ристовски, ги додели наградите.
Поетска и длабоко емотивна приказна која го истражува сложениот однос меѓу блискоста и оддалеченоста, присуството и отсутноста во човечките врски. За најдобар филм во студентската програма, го прогласуваме „Невидлива сестра“ на Нели Рајала.Сатирична краткометражна драма во форма на мокументарец – единствен по својот стил и се издвојува поради силниот сатиричен пристап. За најдобар во регионалната програма го прогласуваме филмот „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу.
Во категоријата за најдобар филм од македонската програма, одлучивме да доделиме и специјално признание поради зрелоста што авторот ја прикажува во пристапот кон сценариото, но и режијата. Специјално признание во македонската категорија добива филмот „Зајак“, на Ханис Багашов. Прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој одлично функционира во контекстот на приказната. Иако се работи за стар мотив, авторот умешно го поставува во денешно време, преку тинејџерски ликови, зборувајќи за нешто навидум едноставно – љубовта. И покрај тоа што во филмот играат натуршчици, режисерски е постигнато врвно ниво на актерска игра.
За најдобар филм од Националната програма, го прогласуваме филмот „Мала шега“, на режисерот Трифун Ситниковски.Филм што ја прикажува војната без директно да ја прикаже војната – со суптилен и зрел пристап, кој остава длабок впечаток. Филм кој што ја одбележа годината.
За најдобар филм во категоријата Соочување со минатото, се прогласува филмот „Човекот кој не можеше да молчи“, на Небојша Сљепчевиќ. Филм кој се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија. Целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички, туку и емотивно, филм кој не те остава рамнодушен.
Без размислување, жири комисијата беше едногласна дека најдобар филм во Интернационалната категорија е филмот „О“ на Рунар Рунарсон.
И за крај, најдобар филм на овогодишното издание на Дрим Шорт, го прогласуваме филмот „О“ на Рунар Рунарсон.“, стои во експликацијата на жирито.
За најдобар филм од публика беше изгласан филмот „Остров“ на Бранко Костески. Покровител на наградата е Интероптик од Струга.