Декември во Кинотека на Македонија ветува богат филмски репертоар. Овој месец е посветен на јубилејни проекции на македонски филмови и култни светски остварувања, како и на прикажување на актуелните фестивалски хитови.
Декемвриската програма ја збогатуваат легендарни македонски филмови кои ја обележаа историјата на нашата кинематографија. Со проекции на „До Балчак“, „Бал-Кан-Кан“, „Мис Стоун“, „Како убив светец“, „Тони Манџа“, „Бубачки“, „Големата вода“, „Созерцание“ и „Илузија“, публиката ќе има можност повторно да се потсети на овие маестрални дела, кои преку различни наративи и жанрови ја прикажуваат македонската култура, историја и живот.
Покрај јубилејните остварувања, на големото платно ќе бидат прикажани и два од најактуелните годинешни фестивалски хитови, „Супстанца“ и „Анора“, кои продолжуваат да освојуваат признанија и да ја одбележуваат кинематографијата на меѓународната сцена.
Месецот ќе биде дополнително збогатен со одбележување на два големи филмски јубилеја. Ќе се одбележат 35 години од култниот југословенски филм „Како пропадна рокенролот“, кој со својата уникатна нарација и хумор останува неизбришлив дел од регионалната поп-култура.
Дополнително, ќе бидат одбележани и 25 години од премиерата на иновативниот филм „Да се биде Џон Малкович“ – ремек-дело на Спајк Џонз, филм кој револуционизираше жанровски одредници и ја преобликуваше модерната кинематографија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.