Skip to main content

Агенцијата за филм ќе ја поддржи со 100.000 евра кампањата за Оскар на македонскиот кандидат „Приказната за Силјан“

Агенцијата за филм на Македонија со 100.000 евра ќе ја поддржи кампањата за Оскар на документарниот филм „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска бидејќи смета дека е од исклучителен национален интерес.

Кампањата за Оскар ја поддржува „Нешенл џеографик“ (National Geographic). Целиот буџет е околу 700.000 евра, Македонија учествува со 100.000 евра што е фантастична сума во споредба со тоа каков буџет нудат регионалните фондови кои немаат ни филм што има реални шанси за Оскар – рече на прес-конференција в.д. директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

Тој се осврна на успесите на македонската кинематографија оваа година, на проектите што се во тек и соопшти дека очекува четири до пет премиери идната 2026 година.

Мицевски посочи дека филмот „Сите го викаат Реџо“ на режисерот Ибер Деари веќе е прикажан на над 40 фестивали досега, „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски – на над 70 фестивали со 29 награди, а филмот „Мајка“ на Теона С. Митевска ја отвори официјалната селекција „Хоризонти“ на фестивалот во Венеција.

И покрај неповолните услови во Агенцијата за филм од 2021 до 2024 година, македонските филмаџии успеаја да останат доволно жилави за да реализираат филмски дела со кои сме сите горди – истакна Мицевски.

Како што рече, ова е плодна година за снимање филмови, набројувајќи ги играните „Биста/Збогум, Копакабано“ на Милчо Манчевски, „Човек против јато“ на Тамара Котевска, „Потстанар“ на Марко Ѓоковиќ, „Договор“ на Сенад Абдули. Пред да почнат со снимање, предвремено се исплатени и проектите „Тајната на голиот рид“ на Игор Алексов и „Мравките го спсуваат светот“ на Марјан Гавриловски, а наскоро средства ќе добие и Арбен Тачи за реализација на проектот „Ајал“.

Предлог-буџетот на Агенцијата за филм за следната година е 263 милиони денари или 4,3 милиони евра, со кои ќе се финансираат проекти од конкурсите за филмови, за фестивали и за играни серии.

Поврзани вести