Skip to main content

Да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставија генерациите пред нас!

Сѐ е подготвено за големиот, завршен концерт од проектот „Македонијо во срце те носиме“, а одбројувањето може да почне. По речиси две години концерти низ сите поголеми градови ширум земјата, некои од најубавите патриотски песни отпеани од Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, публиката ќе има можност да ги чуе уште еднаш, во придружба на симфониски оркестар и овојпат на сцената во Филхармонија.

Освен веќе добро познатите 12 нумери меѓу кои „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Оган да го гори“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“… публиката ќе има можност да слушне уште три нови преработки, и тоа „Како пиреј“ во изведба на Ламбе Алабаковски, „Молитва“ ќе ја отпее Бојана Скендеровски, а „Има една земја сонце што ја грее“ Сузана Спасовска и Александар Тарабунов.

За преработките, но и оркестрациите на сите 15 нумери е задолжен маестро Николче Мицевски, додека симфонискиот оркестар ќе музицира под диригентската палка на Сашо Татарчевски.

Влезници за саботниот концерт веќе нема, односно концертот е РАСПРОДАДЕН што доволно говори за тоа дека публика за убава македонска музика има! Кога станува збор за влезниците, она што не треба да се изостави е и фактот дека организаторите Скендеровски продукција најавија дека сите средства од продажбата ќе бидат насочени во хуманитарни цели. Низ целиот музичко-драмски перформанс публиката ќе ја води актерот Дејан Лилиќ.

7 декември со почеток од 20:00 часот бидете во Филхармонија, бидете дел од завршниот концерт во рамки на приказната „Македонијо во срце те носиме“ за уште еднаш да ја обоиме Македонија со најубавите звуци и да се потсетиме на аманетот што ни го оставиле генерациите пред нас.

Поврзани вести