По одлуката да го стават Артан Груби на црната листа, со што целосно се издишаа националистичките протести на ДУИ и оваа партија се осуди на распад, САД донесоа уште еден потег кој може да има далекусежни последици по Македонија. Претседателот Трамп, тој бизарен анти-Дедо Мраз кој очигледно четири години подготвувал список на лошите деца на кои ќе им одржи лекција кога ќе чукне часот, во една од десетиците одлуки донесени по инаугурацијата нареди замрзнување на сите средства за меѓународна помош на 90 дена. Додека го пишувам ова, чекаме да падне уште една одлука – за укинување на организацијата УСАИД, која распределува голем дел од таа помош.
Наивните луѓе веруваат дека кога САД ќе кажат дека доделиле помош, тоа значи вреќи со ориз, градежни материјали и лекови. Во ред, има и такви програми, не е да не, но барем во релативно развиена европска држава како Македонија програмите на агенциите како УСАИД се многу подобро познати по нивната политичка заднина. А една карактеристика на овие политички програми е што тие секогаш, без исклучок, беа во полза на левицата и на албанскиот политички фактор, секогаш на штета на македонската десна политичка опција и на македонските национални интереси. Почнувајќи од типот на луѓе кои беа ангажирани да ги спроведуваат тие програми до нивната (зло)употреба со цел да се урнат десните, суверенистички македонски влади и да се инсталираат влади кои ќе потпишат компромиси со македонското име, идентитет, карактерот на македонска национална држава.
Затоа, деновиве сме сведоци на монументален пресврт во американската политика. Наспроти тврдењата дека САД се како носач на авиони на кој дури и ако капетанот да реши да го промени курсот, му требаат години додека да се сврти, видовме дека можело за неколку дена да се отшрафат двата клучни столба на досегашната политика. Протестите на ДУИ беа пресечени во корен со ставањето на Артан Груби на црната листа, и неговите збунети поддржувачи собрани во шаторот пред Уставен Суд кротко се разотидоа дома. Со тоа, партијата во која САД вложија огромен дипломатски капитал, првин да ги претворат од банда терористи и убијци во политичка партија, а потоа таа партија да ја направат незаменлив фактор кој решава која од македонските партии ќе формира влада, сега е во општо расуло. (САД ставија на црна листа човек со кој буквално вчера потпишаа договор вреден половина македонски буџет за изградба на автопати и притоа рекоа: шокирани сме дека имало толку корупција во владата).
https://youtu.be/vxnpY0owPkA?t=23
Вториот столб – американската непринципиелна, безусловна поддршка за шарените движења во Македонија, фаворизирањето на СДСМ при секоја политичка пресвртница во земјата, честопати креирање на тие политички пресвртници со притисок врз внатрешните политички процеси, и обилното финансирање на десетици и десетици невладини организации сите клонирани од истиот центар кои како папагали ги повторуваа одбраните политички опортуни позиции. Овој канал за финансирање на божемниот „невладин“ сектор (всушност влада во сенка во периодите кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт) треба да секне денес.
За какви суми и операции зборуваме? Една груба пресметка направена за време на Шарената Револуција, покажа дека ако ги тргнеме настрана повремените проекти за рурални патишта или реновирање на некоја црква, чисто за политички проекти, УСАИД потрошил во Македонија околу 40 милиони долари од 2011 до 2016 година (од фамозната средба во Белата Куќа кога очигледно паѓа одлуката да се руши Груевски). Вообичаено, проектите на УСАИД во чекор ги следеше фондацијата на Сорос, која добиваше голем дел од овие пари да ги дели на своите подизведувачи.
Изведувачите на проектите вообичаено беа организации кои работат за постигнување на доблесни цели – слобода на говор, права на малцинските групи, младински активизам, демократија, борба против корупција. Во пракса, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт тие гледаа недостатоци во општеството низ микроскоп, а откако СДСМ ќе беше донесен на власт, или формално ќе се престроеа од невладиниот во владиниот сектор како портпароли и шефчиња по институции, или ќе почнеа да се занимаваат со поубавите работи во животот и нивните дотогаш борбени социјални профили ќе се посветеа на готвење, прошетки низ природа, уметност.
Дури и кога прекршоците, корупцијата и неспособноста на новата власт неколкукратно ќе ги надминеа прекршувањата на претходната власт. Колку само пати бевме сведоци на организирани кампањи кога ќе паднеше команда да се реагира по одредено прашање – одеднаш и групата за промоција на правото на абортус и организацијата за млади лидери и коалицијата за судство и ромското здружение ќе излезеа со идентичен став по тековното прашање. И секогаш, без исклучок, овој став беше во полза на една политичка опција, а критичен кон другата опција. Спроведувачите на проекти за независно судство ни ја промовираа Катица како врвна правна и морална величина, активистите за слобода на говор цензурираа објави на Фејсбук, архитектите-критичари за проектот Скопје 2014 ги снема кога Заев и Филипче изградија болници од запалив картон.
Толку се навикнавме на детално исценирани, очигледно планирани протести подготвувани на обуки во хотели во близината на Скопје што во општеството сосем оправдано се создаде длабока доза на цинизам и скепса кон секоја граѓанска иницијатива. Штом ќе ги видиш насобрани со транспаренти и некакви обоени реквизити си викаш, чекај, кој плаќа за ова, која е заднината, и колку ќе платиме сите како држава, со нова ерозија на нашите национални позици?
Дури и деновиве, кога сме сведоци на еден искрен и спонтан собир на граѓаните по страшната трагедија во Скопје, се појавија неколку коментари на социјалните мрежи во оваа насока – ете колку лажниот, платен и диригиран хактивизам (hacktivism) ја затру можноста за вистински независно самоорганизирање на граѓаните. Ќе поминат години пред јавноста да почне да верува дека е можно да постои автохтон активизам кој не е платен од некого од надвор и нема задна намера.
Па дури и по прашањето на јавната дискусија и поддршка на американската надворешна политика – ангажирањето на поранешни анти-западни левичари (и албански марксисти) да станат главни поддржувачи на позициите и плановите на САД во регионот и упорното промовирање на една страна во етничките конфликти, притисоците врз Македонија и Македонците, доведоа до тоа да човек не може јавно да пофали нешто во врска со САД а јавноста да не помисли дека тој е на платен список.
УСАИД дава и одредена реална помош за Македонија, за развој на мали бизниси, земјоделие, рурална инфраструктура – деновиве ќе се изнаслушаме за тие проекти. Во исто време, политичките проекти на УСАИД доведоа до формирање на влада која потпиша договор со америаканска градежна фирма вреден милијарди, кој сега не можеме да го раскинеме без да се банкротираме како држава. Инфраструктура која во голема мерка можеше и требаше да се гради со грантови од ЕУ, а сега ќе ја плаќаме со комерцијални кредити.
Со еден потпис на Артан Груби, целата „помош“ што сме ја примиле во изминативе 30 години отиде низ прозорец.
Во првиот мандат на Трамп, Македонија беше една од пилот земјите кои укажаа на оваа ситуација – пред се затоа што ножот ни беше дојден до коска и реално се соочувавме со губење на државата. На иницијатива на повеќе републикански конгресмени се спроведе и истрага, при што на ревизорите им беше укажано дека проектите што се спроведуваат се дебело исполитизирани и партизирани, и трајно ја нарушуваат довербата на македонското општество во САД. Но, набргу стана јасно дека во САД не е дојдено до реална промена на власта, и дека мандатот на Трамп 1.0 ќе помине „како до сега“. Така и ревизорскиот извештај (достапен тука) се фокусираше само на формалните критериуми за доделување на грантовите, кои секако дека беа запазени – критериумите се запазени затоа што во старт од организациите кои ќе аплицираат се бара да спроведувале такви или слични проекти Х број години за У сума на пари, и јасно е дека во Македонија само 1-2 организации можат да аплицираат за грант за „медиумски слободи“ на пример.
https://www.gao.gov/assets/gao-20-158-highlights.pdf
Ова е тема за следните неколку месеци и години, додека гледаме како мрежите градени со децении се кинат (веќе сме сведоци и на јавни расправии меѓу идеолошки блиски грантистите дека парите за овој проект отишле кај тебе, а требало кај мене), ќе гледаме како овие организации бараат ново прибежиште (едно време се приклучуваа на општинските буџети, потоа секако на владиниот буџет во мандатот на Заев, ги гледаме сега како бараат од Владата на Мицкоски да ургира Трамп да ја повлече одлуката (!?), но на крај веројатно сите ќе се истопорат во Брисел). Во меѓувреме, заинтересираните граѓани можат и самите да го разгледаат овој детален приказ на грантови кои биле поделени за проекти со политички фокус, во подготовката на Шарената Револуција.
https://x.com/Cvetin/status/1883916444976693412