Skip to main content

Турнеја на победникот – стратегија на самодоверба и стабилност

Локалните избори во Македонија отсекогаш биле повеќе од само избор на градоначалници и советници. Според некое непишано правило, тие се огледало на состојбите во државата, барометар на политичката енергија и најчесто, генерална проба за тоа во која насока се движи јавниот пулс. Речиси и да нема некаква разлика и на овие избори. Сцената е препознатлива, две големи партии кои што се константа, неколку помали кои што во различни облици веќе триесет и кусур години орбитираат околу големите, ист простор, исти емоции. Едните во офанзива, другите во дефанзива.


Уште од почетокот на кампањата е јасно воочливо дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори настапува со елан на победник кој веќе го чувствува теренот и поддршката од граѓаните. СДСМ се обидува да ја поврати довербата која што перманентно ја губеше во текот на годините од нивното владеење, во атмосфера на скепса и умор од споменатото владеење. Ваквиот впечаток се провлекува уште од периодот пред почетокот на изборната кампања, а веќе кога сме до нејзината половина, таа само го потврдува она што претставуваше генерална перцепција за односот на силите меѓу двете партии.


Оваа кампања не е само математички судир на бројки и статистика, туку таа претставува конфронтација на политичките култури, комуникациските стратегии, понудата и пристапот до граѓаните. Досегашниот тек на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе јасно покажува дека тие не се само поинакви по форма, туку тие се суштински различни по својот светоглед. Тоа се две различни партиски галаксии.


Првата впечатлива разлика е во тонот и самодовербата. ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата со енергија на добро организирана структура,. Енергија на структура која знае што нуди, знае што очекува и која излегува на терен да ја валоризира веќе добиената битка. Да валоризира нешто на кое што е работено во континуитет со години наназад. Митинзите на ВМРО-ДПМНЕ сè уште ја имаат онаа компонента која им дава карактер на народни собири, полни сцени, енергични говори и јасни пораки. Мицкоски настапува како лидер кој акцентот и мислите повеќе ги насочува кон реализацијата на ветените проекти, отколку на исходот на самите избори, за кои демонстрира јасна самоувереност за победата која што следи.


Од другата страна, СДСМ ја започна кампањата како партија што мора повторно да се објаснува и правда пред граѓаните. Кампањата им е некако анемична, воздржана и се обидува да пренесе некаква порака на стабилност, но и на покајание, од типот: „Да, имавме грешки, но научивме“. Сето тоа е некако измешано, нејасно и бледо. Непосредно пред кампањата направија обид за внесување на тема која што се однесува на националните стратешки интереси, уставните измени и односите со соседите, со што испратија уште една нејасна порака што всушност нуди и за возврат бара оваа партија. Уште од првиот ден започнаа со црна кампања, насочена кон политичкиот противник, наместо понуда и проекти насочени кон граѓаните.


Втората разлика која што се воочува, иако мора да кажеме дека сите овие разлики произлегуваат од еден слеан систем на функционирање во кој не може да се направат остри граници, е тоа што ВМРО-ДПМНЕ не оди во класична и директна конфронтација со противникот. Гледано од страна, наликува дека кампањата е замислена како „турнеја на победата“, која што само треба да се потврди. На секој митинг се зборува за реализираните проекти и за проектите кои што се составен дел од програмата на секој кандидат. Не се зборува само за противникот и што е тоа што не чини кај него, туку се зборува за она што е во план да се реализира.


Таквиот пристап во комуникацијата е суштински насочен директно кон граѓаните. Наместо постојано „против“, партијата зборува „за“, иако мора да се истакне дека периодот на владеење на СДСМ и не беше така одамна, што значи дека има многу нешта кои што сè уште можат да се кажат и политички искористат во оваа кампања. Сепак, генерален впечаток е дека ВМРО-ДПМНЕ ја научи најважната лекција на модерната политика, односно, не победува оној што најмногу критикува, туку оној што најмногу делува, оној што ги исполнува дадените ветувања и оној што ги реализира зацртаните проекти.


Ваквата стратегија на ВМРО-ДПМНЕ му носи неколку поголеми позитивни моменти, кои на крајот од денот можат да бидат валоризирани преку бројот на добиените гласови и освоените мандати.


Јасност и едноставност. Пораките се кристално чисти: подобри општини, подобар живот, поефикасни градоначалници.
Визуелна сила. Партијата успева да организира масовни собири без да носи автобуси од цела држава. Презентира современи рекламни спотови со кратки, концизни и елоквентни пораки од кандидатите. Нема нападна употреба на банери, билборди, плакати или друг печатен пропаганден материјал, кој непотребно го „загадува“ јавниот простор. Се забележува соодветното и одмерено присуство на социјалните мрежи, кое што комбинирано со модерната видео продукција создава впечаток дека се работи за партија со капацитет да се организира и да го испорача она што го ветува пред граѓаните.
Лидерска стабилност. Христијан Мицкоски се позиционира како лидер кој ја води својата партија и коалиција стабилно и организирано. Во добар дел од јавноста тоа создава чувство дека конечно има човек кој води грижа и има контрола над процесите, но во исто време и човек кој дозволува демократијата и општеството да дишат и функционираат како што налага редот.


Од друга страна, СДСМ ја води оваа кампања со товар на неисполнети очекувања од минатото, бројни грешки и промашувања во внатрешната и надворешната политика, како и со јавност која што сè повеќе е скептична кон нивната способност да реализираат и испорачаат. Тие во оваа кампања, поконкретно во делот кој се однесува на локалниот контекст (за потсетување, СДСМ отвори теми и за односите со Бугарија и уставните измени), партијата настојува да ја истакне својата „грижливост“ за тоа дека работи за луѓето, за заедницата и за решавање на секојдневните проблеми. Но, во суштина СДСМ уште од почетокот е во дефанзива и започна со црна кампања и остри напади кон противниците.
Токму овој дел е суштински спротивен од пристапот на ВМРО-ДПМНЕ. Иако сме свесни дека негативната кампања е дел од секој изборен процес и неизбежен „отров“, сепак, во еден момент негативните пораки можат да станат бумеранг. Кога премногу зборуваш за противникот, забораваш да зборуваш за себе. Тука СДСМ губи најмногу време, а ВМРО-ДПМНЕ добива простор.


На локалните избори, граѓаните во најголем дел се одлучуваат според принципот „Каде сум јас во приказнава?“, „Каде е мојот интерес за подобар живот во моето маало и мојот град?“. Што е тоа што ќе претставува бенефит, а е содржано во понудата на политичките партии и кандидатите за локални функционери? Токму овој дел СДСМ го става во втор план и претежно се фокусира кон напади на противникот, со цел да направи некаква промена на веќе бетонираното јавно мнение за победникот на изборите.


Веродостојноста на она што се говори е исклучително голем проблем за СДСМ. Во многу средини, нивните локални структури изгубиле контакт со граѓаните. Некогашниот имиџ на „граѓанска партија“ е заменет со бирократски слика и партиски умор на нивните членови. Дел од кандидатите изгледаат како да се принудени да бидат таму, а не како да сакаат да победат.


На крајот, во неколку наврати во претходните текстови рековме дека овие избори се повеќе од локален натпревар. Тие се тест за тоа дали граѓаните се подготвени да ја обноват поддршката кон Мицкоски и неговата екипа, која со огромно мнозинство му ја доверија на минатогодишните парламентарни и претседателски избори, или ќе изберат враќање назад, кон сè уште нереформираниот СДСМ, кој во континуитет презентира козметички промени на сопственото кормило. Впрочем, последниве неколку денови покажаа дека Заев и неговата сенка силно се надвиснати над оваа партија, а методите на неговото владеење сè уште присутни и ја чекаат својата шанса „веднаш зад аголот“.

Поврзани вести