Васко Шутаров

„Распад систем“ – дали сте гледале таква претстава?

Се облекувате како за во театар и заминувате да гледате претстава за која сите зборуваат. Се раскомотувате во гардероба и збунето гледате како еден од сценските работници, панично бара некое куче и патем, ве потбутнува! Влегувате тивко в сала, подготвени да ù се предадете на магијата која само „штиците што живот значат“ можат да ви ја доловат. Седнувате и се загледувате во раскошната сценографија, која треба да асоцира на ентериер од некогашен отмен дом, но (гледај чудо!) – сценски работник го поправа огништето, а напомош му се придружува и гледач од публиката. На сцена излегува и тон-мајсторот и замолува, ако некој во салата го најде неговото изгубено цеде од AC/DC, да го донесе до микс-пултот. На сцена излегува и режисерот на претставата и наместо да се извини за ваквиот почеток, почнува да држи френетичен говор за неправдите што ù биле нанесени на претставата од програмската комисија во театарот и други државни комисии и како токму преку оваа претстава ќе успеат сите да ги победат, но најнапред, сите што им згрешиле да ги уловат, како во „Стапицата за глувци“ од Агата Кристи. Публиката го проголтува и овој необичен театарски чин и чека претставата конечно да почне!

На сцена излегува целата актерска екипа што треба да ја игра „Стапицата“ од Агата Кристи, но во адаптирано сценарио, насловено како „Убиство во замокот Хавершам“, од анонимна авторка Сузи Х.К. Брајдсвел. Заплетот е типичен како за секој класичен трилер: младиот и богат Чарлс Хавершам е пронајден мртов на својот кауч на денот на неговата свршувачка, а локалниот инспектор Картер ги собира сите осомничени од имотот, за да го пронајде убиецот. Како што напредува истрагата, се открива дека свршеницата на Чарлс имала афера со неговиот брат. Исто така, јасно е дека убиениот Чарлс всушност е жив, бидејќи кога го изнесуваат, носилката на која го носат се расклопува и тој почнува да ползи по сцената. И како по законите на Марфи, кога најмалку треба нешто да тргне наопаку, сè тргнува наопаку – и на претставата ù се случува „театар во театар!“

Наеднаш почнуваат да паѓаат делови од сценографијата, една врата заглавува и не може да се отвори, па актерката влегува преку прозор на сцена, се губат реквизити, па наместо со клуч, вратата ја отвораат со пенкало, а наместо на нотес, запишуваат на една вазна! Еден од актерите го заборава текстот и реплицира на веќе поминат дијалог, поради што цела низа од дијалози ја враќаат претставата кон почетокот, актерите не ги следат меѓусебните знаци, а некои излегуваат од карактерите на ликовите што ги играат и почнуваат да зборуваат на сленг и на својот дијалект.

И паузата меѓу двата чина не е ништо помалку чудна – зад спуштената завеса публиката го слуша главниот јунак како одговара на мобилен телефон: „На работа сум, мајко! Да, јаден сум!“

А, во вториот чин, веќе ништо не е нормално! Една актерка се онесвестува и наместо неа на сцена се качува срамежлива сценска работничка, некои од актерите приватно се пресметуваат зад сцена, а оние на сцена погрешно изговараат цели низи зборови (од типот-„нема никој да ви плати крати“ или тие се „прави живи дивотни“), а изгубеното цеде паѓа од актовката на инспекторот, кој всушност и го извршил убиството што воопшто и не се случило?!

На крајот на општата конфузија и тотален хаос, за потполн распад на театарот во театар, се распаѓа комплетно целата сценографија, а крајот на претставата дел од публиката го дочекува со олеснување и со нечујно заминување од салата, додека дел од публиката, посебно најмладата, егзалтирано аплаудира со долги стоечки овации! Илузијата на играта наречена театар во театар завршува, се спушта завесата и на неа трепка насловот на претставата – Распад на Системот!

Од каде ни е позната содржината на претставава?

Станува збор за претстава која првобитно ја поставуваат неколкумина талентирани актери и драматурзи, кои себе си се нарекле Mischief Theater Company (во слободен превод, палава, пакосна театарска дружина) и неа најнапред ја играат по шкотски и по лондонски пабови. Но, кога „Распадот“ почува да се игра и тркала низ Британија, стасува и до West End во Лондон, каде не се симнува од репертоарот полни десет години, патем, собирајќи врвни театарски награди, меѓу кои и онаа што го носи името на еден од најголемите актери на сите времиња, Сер Лоренс Оливие. „Распадот на системот“ се игра со огромен успех на „Бродвеј“ и во уште 35 земји во светот, дури и во Кина, а нам најблизу во театарот „Керемпух“ во Загреб.

Што е толку привлечно во „Распадот“, па наидува на толкава гледаност кај публиката? Покрај раскошниот дијалог, оваа драмска претстава содржи едно богатство од невербална комика и можност за бравурозна актерска игра, во која актерите, во општата конфузија и хаос на сцената, не се штедат воопшто и се на границите на физичка издржливот, правејќи од акробации до вистинска циркуска игра. Несомнениот успех на „Распадот“, дел од театарската критика смета дека се должи на необичниот спој од театарски и филмски жанрови кои секогаш непогрешливо наоѓаат своја публика, како што се стендап и слепстик-комедиите, немите филмови и бурлеските, т.е. нивните пародии што се граничат со гротеска и карикатура.

Тоа е претстава која урнебесно се уништува самата себе, ќе напише друга група театарски критичари, кои популарноста на претставата „Распад на системот“ ја гледаат и во тоа што ваквите претстави не бараат ниту длабокоумност, ниту остроумност, ниту посебна концентрација од публиката! Токму таа критика потсетува на едни економски тешки меѓувоени времиња, во кои урнебесните бурлески на браќата Маркс, па на Станлио и Олио, на Чарли Чаплин и Бастер Китон ги полнеле киносалите и мамеле на забава и сеопшто смеење! Бурлеските и слепстик комедиите со благо комично насилство и деструкција, се фокусирани на предизвикување незгоди и несреќи на главните ликови, како и на понижување на нивното достоинство, а сето тоа за провоцирање адреналин и тензија кај публиката, која преку смеење се ослободува од сите насобрани животни стресови. Во реалниот живот, надвор од кината и театрите, таквите „смешки“ се во суштина инфантилни и се граничат со невкус.

Распадот на системот – претстава од нашата сцена

Ние сме публика во домашната претстава „Распад на системот“, барем во две театарски политички постави, осум години по ред. Претставата се игра секојдневно, од наутро до навечер – и оттука содржината и структурата на светскиот театарски хит „Распад на системот“ и нам ни звучи така познато и толку препознатливо.

„Што се случува со овие астрономски јануарски сметки за струја?“, прашува сосетка. „Распад на системот!“, одговара другата? „Каква е оваа лудница со вадењето лични документи, покрај важечките стари?“, прашува средношколец. „Распад на системот, брат!“ му одговара другарот! „Зошто протестираат студентиве и вработениве во Фондот за здравство?“, прашува пензионер. „Распад на системот!“, му одговара другиот пензионер. „Како се нашол куршум во двор на познат политичар и зошто се менуваат министри од техничка влада, избрани пред некоја недела?“, прашува колега на работа. „Распад на системот!“, колега.

Науките, како природните, така и општествените, велат дека системот претставува збир од меѓусебно зависни елементи кои се интеракциски поврзани. Подсистемот е збир на елементи кои исто така сочинуваат систем за себе, но се и дел од поголемиот систем. Самиот елемент претставува наједноставна и неделива целина, а она што го прави системот компактен се врските! Врските се средствата што го прават системот да биде компактен!

Посебен и најважен систем се човекот и неговите заедници. Во теоријата, таквиот систем се нарекува организациски или социјален систем. Клучните карактеристики на овие организациски системи се: дека се системи со цел (заедничка цел или цел на формирање); дека се сложени; хиерархиски; динамични; отворени, дека имаат функции што ги извршува воспоставена структура и дека функционираат според одредени принципи (правила и прописи).

Ако човекот создал систем, логично е тој систем да работи во интерес на луѓето! Едно лице или група луѓе може да го променат системот со текот на времето, со цел да го подобрат. Исто како што едно или повеќе лица, можат да ги раскинат општествените врски што го поврзуваат системот и да почнат да го уништуваат и распаѓаат. Дали е можно тој систем во одреден момент да се сврти против човекот и против неговото достоинство и интегритет?

Да! На многу начини и многукратно! Ние од македонската претстава „Распад на системот“ станавме живи сведоци на тоа, како еден систем се изопачува и како од систем што требаше да нè чува и брани, да се грижи и да ги унапредува нашите животи, стасавме до систем од кој треба да се чуваме и да се пазиме! И уште од петни жили да се трудиме да зачуваме здравје, да останеме добри, нормални и паметни кога се распаѓа сè околу нас – со можност тој распад и нас самите потполно да нè уништи!

Во политичкиов театар и во домашната политичка претстава „Распад на системотот“, сепак има одреден систем, а тој единствено функционира во системски добро консолидираната врска, наречена делење на проценти од народни пари, јавни набавки и тендери!
Има систем и во неслучајниот избор на подли и податливи актери и драматурзи кои во две театарски постави во рок од 8 години, само ни покажаа дека сè она што изгледаше неможно да се случи и што не требаше да се случи – сепак се случи!

Има систем и во новото читање на политиката во нашиов политички театар, веќе не како умешност за остварување на можното, туку како умешност за создавање илузија на можното, за што нашите домашни политички актери, очигледно стекнале пристојни актерски вештини.
И сè што прават е само фасадно одржување на сцената и сценографијата, да издржи до 8 мај, кога (конечно!) ќе се спушти завесата од македонската претстава, „Распад на системот!“

Претставата која урнебесно се уништи самата себе, уништувајќи и многу човечки животи!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.