
По изборниот пораз и конгресната смена на раководството на партијата, СДСМ влезе во нова фаза на политичко преживување. Влезе во процес на постојани обиди да создаде перцепција во јавноста дека се работи за ребрендирана партија која има сериозна намера да се наметне како релевантна опозиција.
Иако партијата најави „нов почеток“, некакви нови политики и нов пристап во делувањето, под водството на Венко Филипче, јавноста сè уште не гледа јасен раскин со старите навики, ниту пак гледа некаква визија која што би објаснила зошто СДСМ повторно заслужува доверба. Наместо суштинско самопреиспитување и реорганизација, впечатокот е дека партијата побрза да ја фокусира сопствената реторика во напади кон новата влада, без претходно да ги отстрани сопствените слабости.
Јавноста не може да се ослободи од впечатокот дека над СДСМ сè уште стои надвисната сенката на Заев и „заевизмот“, нешто кое што со години ги прогонува и го детерминира нивниот современ политички идентитет. Тоа е таква идеологија која што е во состојба да го релативизира секое прашање, дури и оние кои што имаат длабоки историски и идентитетски корени.
Затоа, што останува да зборуваме за зачувување на политичкиот идентитет на СДСМ, кога наместо социјалдемократската идеологија, во сопствената политичка ДНК го вградија „заевизмот“?! Вградија идеологија која што СДСМ го модифицираше и претвори во ГМО политички организам, без дефинирана политичка платформа и правец на делување.
Офанзивата на СДСМ која што деновиве ја гледаме, изразена преку агресивните нападите кон владата на Мицкоски, е само параван за затскривање на сопствените слабости и дефокусирање на вниманието на сопствените поддржувачи од сите „генетски“ модификации и промени во идеолошката матрица на сопствената партија. СДСМ повторно ги вади истите флоскули како и во периодот на „Раниот заевизам“ и Шарената револуција.
Тоа се флоскулите за „демократија“, „Европа“ и „опасните политики“. Во СДСМ безобразно се враќаат на истиот филм, без притоа да објаснат зошто граѓаните уште еднаш би им поверувале ним и на нивните рециклирани флоскули?! Зошто СДСМ смета дека граѓаните за многу кус период треба да и поверуваат на партијата што до вчера владееше, а денес се однесува како да нема никаква одговорност за состојбата во која што ја доведоа државата.
Од тие причини, неодминлив е впечатокот во јавноста дека сегашната стратегија на СДСМ не делува како понуда и залагање за подобра политика, туку како класична манипулација со јавноста, преку примена на истиот концепт со кој дојдоа на власт во 2017 година.
Во СДСМ се забележуваат бројни слабости кои не ретко јавно ги обелоденуваат нивните истакнати членови и поранешни државни функционери. Веќе се бетонира впечатокот дека се работи за партија со лидерство без видлив политички авторитет. Филипче се доживува како некаков хибрид помеѓу вршител на должноста претседател, администратор на СДСМ и сервилен послушник на лидерот во сенка. Тој во ниту еден момент не остави впечаток на политички лидер со визија. Му недостига јасен наратив кој што ќе биде препознаен од членството и граѓаните. Тој не презентира харизма ниту потенцијал за конфронтација со политичкиот противник од другата страна. Неговото лидерство ја претвори СДСМ во партија која што има претседател, но нема водач способен да инспирира и мобилизира.
Во СДСМ владее континуитет со старото раководство, како со она на Ковачевски, така и со она на Заев. Континуитетот е особено забележлив со ова второто кое што од идеолошко-политички аспект никогаш и не било вистински демисионирано. Иако во СДСМ интензивно се зборува за „нов почеток“, јавноста гледа исти луѓе, исти структури и исти шеми. Дури некои кадри повторно се враќаат како нови и „неотпакувани“, иако пред многу кратко време поднесуваа оставки заради сопственото несоодветно или недостојно однесување во политиката. Во СДСМ сè уште гледаме луѓе поврзани со изборни порази кои остануваат на високи партиски позиции или го водат главниот збор во рамки на нивната пратеничка група.
Таму во најголем број од случаите реагираат на потезите на владата наместо да наметнуваат свои теми во јавноста. Тоа ја прави СДСМ слаба и реактивна опозиција без проактивен пристап во претставувањето на сопствени идеи и решенија. Таквиот критизерски пристап, со отсуство на конкретни алтернативни политики, е повеќе од јасно препознаен од граѓаните, што на крајот од денот се одразува на нивниот рејтингот и постигнатите изборни резултати.
Наследството од владеењето на Заев и Ковачевски е тежок товар за СДСМ. Овој товар во голема мера влијае врз постојаната надолна линија на партијата што се одразува од избори на избори. Но, тоа не е најлошото нешто кое што го гледаме во оваа партија. Најлошото е тоа што Филипче и неговото раководство свесно го задржуваат континуитетот со „заевизмот“ играјќи на картата време која по природа на нештата ги амортизира и старее и најсилните организми. Филипче воопшто нема проблем со тоа да почека извесен период како би дошол до некаква шанса повторно да го изманипулира народот и да го врати „заевизмот“ во македонската влада. За давање отчет, извинување или полагање на сметка заради залудната промена на името во контекст на македонските евроинтеграции, францускиот предлог, бугарската блокада и преговарачката рамка, воопшто не станува збор во оваа партија.
СДСМ се уште се поврзува со термините како што се сервилност во надворешната политика, корупциски афери и разочарување од дадените ветувања. Нивните постојани напади кон владата на Мицкоски во однос на некакви наводи за криминал или корупција, никогаш не беа насочени кон обвинителот Коцевски, кој по редот и силата на нештата беше надлежен да реагира во овој сегмент. Иако се „залагаат“ за независност на судскиот систем, тие во старт ја рушеа таквата независност со насочување на нападот кон извршната власт, штитејќи ги сопствените кадри инсталирани во судството и обвинителството.
Дополнителна слабост која што може да се забележи во СДСМ под водство на Филипче е нискиот морал и слабата мотивација која што владее во членството на партијата. Воопшто не можат да се забележат видни и истакнати граѓани кои се приклонуваат кон СДСМ, а уште помалку се забележуваат квалитетни кадри кои влегуваат во раководствата во општинските организации. Тоа дополнително ги пасивизира партиските активности на терен кои што можат да се дефинираат како нормални и легитимни партиски активности кои нудат идеи и решенија.
Единствено нешто кое што се забележува од лепезата на активности на СДСМ се прокси активностите кои што, како што веќе кажавме, имаат реактивен карактер во однос на активностите на владата. Многу се провидни синхронизираните синдикални активности кои што ги гледаме во последниве денови. Тие не се толку насочени во одбрана на работничките права, колку што се насочени против политиките на владата, а во интерес на опозиционата СДСМ.
Многу симптоматични, меѓусебно идентични и речиси со сигурност организирани од еден центар се најновите протести на дел од граѓаните од ромска националност. Тие, во стилот на една „обиџуко“ координирана акција, бараат да возат без возачки и сообраќајни дозволи. Палат гуми и се закануваат.
Ваквите противзаконски барања, независно од тоа дали се работи за новиот или стариот закон за сообраќај, се надвор од памет и начелото на владеење на правото во една држава. Наместо некоја партиска кујна да ги бунтува овие граѓани, може да иницира проект преку огромниот број на невладини организации со кој ќе се врши едукација и оспособување на заинтересираните граѓани, за да можат да се стекнат со законска возачка и сообраќајна дозвола. Дури можат и пари да најдат за ваквата активност со која ќе се амортизира социјалниот аспект на оваа појава.
Но тоа е современото СДСМ. Нивните политики се засноваат на реактивни и прокси активности, кои што влече континуитет уште од „шарената револуција“, „обиџуко“ активностите и „заевизмот“ како идеологија. Во оваа партија постои слаба и недоволна комуникација со обичниот гласач, работниците и руралните средини. За разлика од тоа, постои одличната комуникација со елитите, „експертската“ јавност и нивниот т.н. НВО сектор кој што го имаат инструментализирано. Сите овие елементи укажуваат на тоа дека во СДСМ нема ништо ново. Нема нови идеи и свежина кои ќе бидат почувствувани од македонските граѓани и соодветно вреднувани во вид на поддршка кон СДСМ.
Нормално, поддршка за бајати политики… нема!

Македонски



