Skip to main content

Македонија – од сервилност до стратешко партнерство

После договорот за партнерство со Обединетото кралство, како и затворањето на пост-мониторинг дијалогот со Парламентарното Собрание на Советот на Европа по цели 26 години, минатата недела Белата куќа објави заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Оваа изјава го трасира патот за сеопфатен договор кој ќе значи тарифи за македонските производи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%.
Овие две реченици се најкраткиот можен начин за да се искомуницираат клучните политички и дипломатски достигнувања на владата на Мицкоски во текот на нејзиниот досегашен мандат од само една и половина година. Тоа се достигнувања кои претставуваат одговор на опструкциите, блокадите и условувањата со кои се соочуваме на нашиот пат кон ЕУ. Тоа се достигнувања кои отвораат други патишта, перспективи и начини на нашето поврзување и интегрирање со западните партнери, паралелни со стратешката определба на Македонија за полноправно членство во ЕУ.
Впрочем, ние за целото време на нашата независност тежнееме да се интегрираме со вредностите на западната демократија и како такви да станеме и официјален политички и економски дел од ова семејство. Тоа што во еден сегмент од нашите аспирации успеавме, додека во другиот кој што се однесува на членството во ЕУ се соочуваме со блокади и опструкции, не значи дека сме подготвени доброволно да се откажеме од нашиот идентитет и вредности само заради формалното членство во ЕУ.
За волја на вистината, ние никогаш немавме амбиција да се интегрираме со заедница која со текот на годините ќе ги напушти сопствените европски придобивки и вредности, а како замена на тоа ќе се контаминира со вредности својствени за времињата од балканските и светските војни или со вредностите од времето на студената војна и железната завеса. Нашето членство во ЕУ никогаш не беше проектирано како стратешка цел за чие што постигнување ние требаше да се откажеме од сопствениот идентитет и јазик, ниту пак некогаш треба да биде проектирано како такво.
Затоа, погоре споменатите политички и дипломатски постигнувања на владата на Мицкоски, се суштествена промена во начинот на практицирање на политиката, која од фаза на сервилност и подреденост во односите со соседите и европските партнери поминува во фаза на партнерство, пријателство и соработка. Тоа е суштествена замена на морковот и стапот, кој што од ЕУ постојано се применува кон нас како механизам на принуда, со стратешко партнерство со највлијателните земји во светот, САД и Обединетото Кралство.
Многумина од „заколнатите македонски европејци“ најдоа недостатоци и слабости во ваквите договори. Тоа е сосема разбирливо за луѓе на кои им е поважна празната европска реторика, како што веќе кажавме осиромашена од европските вредности, отколку достоинството на сопствениот народ, кој како рамноправен треба да влегува во сојузи и заедници кои што се од негов интерес. Многумина се поразени и разочарани од стратешките поврзувања со најсилните земји на планетава. Овие договори и партнерства ги избиваат од нивните раце најсилните адути кои што ни ги нудат како решение за нашето интегрирање со западната демократија, сервилноста, потчинетоста и подреденоста.
Ако договорот со Обединетото Кралство претставува почеток на еден мултидимензионален поттик на Македонија, не само економски, туку и институционален и безбедносен, тогаш договорот со САД претставува уште посилно дополнување на стратешката компонента и продлабочување на соработката помеѓу двете земји, што може да доведе до поддршка и во други сфери како што се образованието, технологијата и секако, безбедноста.
Ако затворањето на пост-мониторинг дијалогот со Парламентарното Собрание на Советот на Европа по цели 26 години претставува потврда за демократскиот напредок и зголемување на институционалната зрелост на македонската држава, договорот со САД всушност прави заверка на зајакнатиот меѓународен кредибилитет на Македонија. Поддршката од САД преку економски договори ќе донесе инвестиции за зајакнување на економијата, а укинувањето на пост-мониторингот на ПССЕ служи како потврда на демократските процеси и заштитата на човековите права.
Веќе немаме дебата во јавноста за изолирана влада или заробена држава, туку напротив, за влада која добива сериозна потврда и поддршка за политиките кои што ги води во правец на економски и демократски развој. Имаме дебата за тоа дека се работи за влада која додава економска вредност и гради политичко партнерство со најсилните земји во светот, а во исто време добива меѓународно признание од најстарата европска организација, Советот на Европа, за демократската зрелост на државата со која раководи.
Кои би биле најзначајните економски ефекти од влегувањето во сила на стратешкиот договор со САД кој што минатата недела го објави Белата куќа?
Секако дека подобрувањето на трговските односи со најсилната економија во светот ќе придонесе за дополнителен економски раст на Македонија. Од една страна нашата земја има обврска да ги усогласи давачките за американските производи со што САД ќе можат да извезуваат производи со поконкурентни цени на македонскиот пазар. Спротивно на тоа што некои „економисти“ ова го толкуваат како намален приход за македонската држава, мора да се истакне дека на крајот од денот последната цена на секој производ ја плаќа македонскиот граѓанин, со што токму граѓаните ќе имаат бенефит од пониските цени на американските производи.
Царините како давачка, теоретски и практично, се наменети за заштита на продуктите кои што се произведуваат во Македонија. До сега се царинеа, на пример, и високотехнолошки производи кои ние во минатото, ниту пак во моментов можеме да ги произведуваме. Тоа значи дека заштитата била фиктивна и претставувала дополнително оптеретување на џебот на граѓаните. Владата на Мицкоски со склучувањето на договорот со САД оди во правец на реална пазарна економија од која најголема корист ќе има токму џебот на македонскиот граѓанин.
Бенефит ќе имаат и македонските компании кои увезуваат производи од САД. Тие ќе имаат помали трошоци за суровини, репроматеријали и машини. Во исто време, договорот ќе им овозможи на македонските извозници полесен и поконкурентен пристап на американскиот пазар. Ваквото олеснување на пристапот ќе стимулира дополнителни инвестиции, домашни и странски, кои ќе најдат интерес во подобрената конкурентност на македонските производи. Тоа ќе креира синџир на нови инвестиции, но и раст на постоечките компании, кои преку производите што го содржат терминот Made in Macedonia ќе бидат поконкурентни во САД.
Договорот овозможува енергетска безбедност и диверзификација. Со договорот ќе биде овозможен увоз на американски течен гас со што се намалува зависноста од еден извор на снабдување кое што во себе може да содржи елементи на притисок заради политички концесии. Гасификацијата на Македонија одамна е започната и никако да заврши, особено онаа на македонските домаќинства. Нелогични се нападите на противниците на договорот меѓу Македонија и САД кои прејудицираат дека гасот увезен од САД ќе биде многу скап. За илустрација, колку што можевме да извлечеме заклучоци од досегашното искуство со „евтиниот“ гас, едно просечно македонско домаќинство некако не гледа интерес во „евтиниот“ гас… затоа што е скап.
Според објавата на Белата Куќа и за сега достапните информации, договорот ќе креира рамка за дигитална трговија и услуги. Договорот предвидува да не наметнува данок за дигитални услуги и да поддржува траен мораториум на царини за електронски преноси. Ваквиот пристап може да креира поволни услови за поддршка и развој на иновативните фирми, кои ќе креираат дополнителни работни места во Македонија, особено за кадри и образовни профили кои што се занимаваат со е-бизнис. На овој начин Македонија влегува во глобалната мрежа на бизниси со што нашите млади генерации ќе можат буквално од дома да работат во Америка, Европа, Австралија и насекаде во светот, каде што во минатото моравме да се иселуваме во потрага по егзистенција.
Договорот со САД, меѓу останатото, ќе го намали бранот на иселување на квалитетна, високо образована работна сила, но со тек на време може да се создаде ефект на враќање на иселениците поради подобрените услови за живот и полесниот пристап до работни места во Македонија.
Поради сето што претходно беше изнесено, но и поради многу други позитивни аспекти кои воопшто не беа спомнати во текстот, а се содржани во стратешкиот договор со САД, владата на Мицкоски заслужува сериозно признание и поддршка да опстои и продолжи на поставениот курс. Со ваквата политика Македонија вистински се интегрира во западните демократски вредности без постојано да биде уценувана, притискана и исправена пред изборот… морковот или стапот.

Поврзани вести