
Во македонската политика постои едно старо правило, кога фактите не ти одат во прилог, измисли приказна. Кога приказната ќе почне да ти се распаѓа, повторувај ја уште погласно. А кога ќе се појават доказите дека си лажел, почни да глумиш дека ништо не се случило.
Токму таква политичка трагикомедија гледавме изминативе недели во македонскиот јавен простор во режија на опозиционата СДСМ. Гледавме една упорна, агресивна и прилично нервозна кампања која се обидуваше да ја убеди јавноста дека Македонија тајно станува депонија за мигранти. Бевме убедувани дека постои некаков мистериозен договор со Велика Британија, со кој зад затворени врати се кројат планови дека државата наводно ќе стане нова прифатилиште за решавање на туѓите проблеми.
Приказната беше пласирана со драматичен тон, како да се работи за некаква геополитичка завера. Наводно постоел таен договор Македонија да прифати мигранти од Обединетото Кралство. Се кроеле планови зад затворени врати кои ќе ја претвореле државата во регионален камп.
И така во континуитет. Секој ден нова верзија на истата приказна. Секој ден нови „извори“, нова доза политичка паника со цел да се држат граѓаните под постојан притисок и да се создава перцепција дека нешто се случува зад затворени врати далеку од очите на јавноста.
Но, проблемот со ваквите конструкции не е во тоа што тие можат да предизвикаат посериозен ефект, особено не ако се базираат на измислици и конструкции со политичка позадина. Кој верува во лаги кои никогаш не добиле потврда во реалноста?! Проблемот е во тоа што во последно време постои хиперпродукција на лажни вести и политички мотивирани манипулации кои го загадуваат јавниот простор и негативно влијаат на процесите во државата.
Проблемот е во тоа што на едно демократско општество му треба релевантна опозиција чии што политики и ставови се темелат на реалноста, а не опозиција чија што стратегија во политичката борба е да продуцира лаги.
Денес една, утре друга, задутре трета која ја заменува првата и така секој нов ден во континуитет. Важно е да се држи јавноста под тензија и да се чека секоја можна шанса за да се зададе удар. Но, лагата има една голема слабост. Кога ќе се судри со вистината, пука како балон.
И токму тоа се случи.
Британскиот амбасадор во Скопје, без никакви дипломатски финеси ја распарча приказната на СДСМ на безброј ситни парчиња.
Нема договор! Никогаш немало договор!
Нема план Македонија да прима мигранти од Велика Британија!
Толку едноставно, толку директно и толку непријатно за оние што со месеци ја градеа оваа политичка конструкција. Ваквиот дипломатскиот демант претставува класичен политички нокаут за СДСМ како креатори на лажната вест. Кога амбасадор на една сериозна држава ќе излезе јавно и ќе каже дека не постои договор, тоа не е само обична изјава.
Амбасадорите не учествуваат во партиски пресметки. Тие не се дел од македонската политичка сцена. Кога зборуваат, не зборуваат во име на некоја од политичките партии од државата од која доаѓаат. Тие говорат во име на својата држава, при што презентираат официјален став и официјална политика. Тука нема простор за паушални толкувања кои можат да бидат злоупотребени во манипулативна функција во полза на позицијата или опозицијата. Пораката на амбасадорот беше брутално јасна, приказната за договорот со мигранти е политичка измислица!
Во држава со нормална политичка култура, ваквата изјава би значела крај на приказната. Би значела извинување, повлекување на обвинувањата и соочување со политичка реалност.
Но, ние не живееме во нормална политичка култура. Живееме во политички систем во кој лагата се третира како легитимна алатка, а дезинформацијата како стратегија.
Продуцирањето на лажни вести СДСМ го гледа како нормален однос со јавноста. За СДСМ јавноста е должна да поверува во она што им се сервира од страна на оваа партија. Во спротивно, одговорноста за секоја аномалија во државата станува споделена меѓу граѓаните и актуелната власт. Тоа што се работи за лаги и конструкции е сосема неважно, затоа што единствената „вистина“ е она што доаѓа од „кујната“ на Бихаќка.
Ваквиот пристап на СДСМ досега не му донесе резултати. На последните локални избори доживеаја вистински дебакл, а нивната кандидатка за градоначалник на Скопје, која сега ја гледаме во улога шарен револуционер со боја на рацете, беше четврто пласирана. СДСМ како партија беше уште послабо позициониран, дури петти во трката за градскиот совет. Ваквите резултати се продукт на понудените политики кои што доаѓаат од СДСМ.
Тоа на сите им говори дека лагата како алатка може да те турка само во негативна насока. На сите им е јасно дека лагата како понуда повеќе не поминува. На сите, освен на СДСМ.
Една од најопасните последици од ваквите кампањи на СДСМ е што тие ја деградираат самата држава. Независно од тоа дали се работи за лагата со мигрантите, или за другите лаги и спинови кои што постојано се лиферуваат од страна на актуелното раководство на Филипче, водењето на политика која се потпира на лаги и манипулации е пораз за сите.
Политичките партии не се приватна сопственост или сопственост на мала група луѓе која во дадениот момент ги контролира раководните позиции. Политичките партии се составен дел од демократскиот политички систем на државата. Тие се регистрирани врз база на јасно определени законски норми кои ги детерминираат нивните обврски и начин на однесување. Неодговорното однесување на функционерите на политичките партии е еднакво на неодговорно и незаконско однесување на било кој функционер кој извршува државна функција.
Тука се наметнува заклучокот сам по себе, дека манипулацијата со јавноста преку лиферување на лажни вести и конструкции е еднакво со криминал. Тоа не е помала злоупотреба на службената положба од онаа која доаѓа од државниот апарат. Играњето на СДСМ и Филипче на картата на лаги и манипулации е класична измама и класичен криминал. Ваквиот однос треба да биде предмет на опсервација на обвинителството, кое како трета власт треба да ги презема чекорите кои што се во нивна надлежност за заштита на граѓаните.
Можеби ваквиот став звучи нереално и неостварливо, но доколку навистина се стремиме да градиме демократско општество во кое владее правото и се почитуваат човековите права, тоа општество мора да го градиме во сите негови сегменти. Демократијата и правото се обврска и составен дел од сите општествени пори, вклучително и на она пора во која е набиена малата група партиски функционери која во моментов се нарекува раководство на СДСМ.

Македонски

