Во неделното интервју за Радио Слободна Европа, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши говори за анализите кои се прават во однос на барањата за промена на одлуката неделата да биде неработен ден, притоа тој истакна дека постојат спротивставени ставови во врска со прашањето за „недела неработен ден“. Работодавачите се залагаат за негово укинување, додека синдикатите бараат да остане во сила како досега.
Одредени дејности, како што се занаетчии и комори, бараат да се направат отстапки и тие да бидат ослободени од овој ден како неработен. Ова прашање се дискутира во рамки на Економско-социјалниот совет, каде секој месец се одржува седница – рече Дурмиши.
Министерот нагласи дека целта е да се најде решение кое ќе овозможи некои дејности да продолжат да работат, но без да се укине целосно „недела неработен ден“.
Не треба да се укине, но одредени дејности треба да имаат можност да работат и во недела, со цел да се зголеми производството – додаде министерот, нагласувајќи дека ќе се работи на измени кои ќе овозможат поголема флексибилност за тие што имаат потреба да работат во овој ден.