
Националната опера и балет на 3 октомври ќе ја отвори новата сезона 2025/2026 со „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт.
Едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика, „Реквием“ е последното и недовршено дело на Моцарт, создадено во последните месеци од неговиот живот и обвиено со мистерија и легенди. Делото претставува музичка исповед, исполнета со драматични контрасти – од тивките молитвени моменти до експлозивните хорски сцени. Неговата длабока емоционалност и духовност ја водат публиката од болка и тага кон надеж и вечност. Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина, информира НОБ.
Солисти ќе бидат Биљана Јосифов (сопран), Николина Јаневска (мецосопран), Јане Дунимаглоски (тенор) и Владимир Саздовски (бас).
Заедно со оркестарот и хорот на Националната опера и балет тие ќе создадат незаборавно музичко доживување кое ќе го означи почетокот на новата сезона. Под диригентската палка на истакнатиот италијански диригент, Џанлука Мартиненги, македонската публика ќе има можност да присуствува на извонредна изведба на дело што ја отсликува генијалноста, длабочината и духовната сила на Моцарт, наведува Националната опера и балет.