Skip to main content

Бројот 13 не носи несреќа, напротив, тој е лична среќна бројка на Евалд Флисар: Отворен литературниот фестивал ПРО-ЗА Балкан

ПРО-ЗА Балкан / На отворањето беа претставени шестемина писатели, драматурзи и есеисти од Балканот и земјава

Со лични анегдоти и силни пораки за литературата, синоќа во Даут-пашиниот амам свечено беше отворено 13. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. На отворањето беа претставени шестемина писатели, драматурзи и есеисти од Балканот и земјава, меѓу кои годинашниот добитник на наградата „Прозарт“, словенечкиот автор Евалд Флисар – еден од најпреведуваните писатели од регионот.

Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на бројни јазици, но и длабоко вкоренети во своите култури. Покрај Флисар, гости се и српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер и домашни претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови.

На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски и Александар Прокопиев и писателот Владимир Јанковски, а вечерта ја обележаа личните и литературни сведоштва на гостите, кои говореа за смислата на пишувањето, границите на човечкото искуство и улогата на литературата во денешниот свет.

Флисар зборуваше за повеќеслојноста на личноста и за тоа како неговите ликови се вистински кога содржат повеќе аспекти на човекот. Интересен беше и неговиот осврт на бројката 13, која постојано се повторува во неговиот живот – од датумите на важни настани, преку неговата свадба, до оваа, тринаесетта, награда „Прозарт“. Според него, тоа е доказ дека бројот не носи несреќа, туку напротив – е негова лична среќна бројка.

Интересни случки се случуваат со моите драми и можам за тоа да раскажувам до утре сабајле. Една од драмите што зборуваат за минатото и сегашноста е „Тристан и Изолда“. Ако не ја напишев таа драма најверојатно немаше ни да ја добијам 13-та награда „Прозарт“ – рече тој.

Евалд Флисар: Ако не ја напишав „Тристан и Изолда“ најверојатно немаше ни да ја добијам 13-та награда „Прозарт“ / Фото: ПРО-ЗА Балкан

Потоа зборуваше неговата сопруга Јана Бауер, една од најпознатите словенечки писателки за деца и млади, која со носталгија се наврати на времето на „усните приказни“, кога раскажувањето значело блискост, имагинација и бегање во фантастични светови.

Живеав во аналогно време и имавме многу повеќе анегдоти. Сега е поинаку, работиме до доцна, го нема веќе тоа раскажување од постарите. За мене како дете беше привлечно токму фантастичното кое ми беше бегство од реалниот свет. Повеќе пишувам за себе си и се обидувам да го дофатам тој волшебен момент – рече таа.

Бауер зборуваше и за своето тежнеење кон интеркултурност, важноста на преводите од „мали јазици“ и улогата на европските програми во афирмирањето на книжевностите што доаѓаат од периферијата.

Фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ секогаш обрнува внимание и на застапеноста на македонските автори. Годинава гостинка е македонската поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик, Лидија Димковска. Родена и израсната во работничко семејство во Скопје, без голема можност да патува и да го истражува светот, таа се присети на мантрата што заедно со своите врсници ја водела низ детството: „Маџари е во Скопје, Скопје е во Македонија, Македонија е во светот“.
Ова, според неа, било начин да ги надмине границите на сопствениот живот и да се отвори кон поширокото човечко искуство. Димковска истакна дека ја привлекуваат безграничните простори и она што не можела да го има или доживее.

Надворешните простори постојат, но најважно е што носиме во себе. Судбината на другиот е и наша судбина, ако умееме да ја препознаеме. Транзитирам од поезија кон проза – како премин преку граница. А границите ги поминуваме со совладување на стравот. Литературата е реалност и во неа треба да веруваме прво ние, па после и читателите да поверуваат – рече таа.

Лидија Димковска и Александар Прокопиев / Фото: ПРО-ЗА Балкан

Бугарската писателка, драматург и сценаристка Елена Алексиева на прашањето за процесот на пишување, истакна дека за првпат размислува за тоа како „доаѓа“ јазикот. Нејзе ѝ е поблиску да го нарече интуитивен процес, отколку механика.

Пишувањето е особена состојба на мислење, различна од секојдневното – рече таа и нагласи дека никогаш не се доживувала како личност со посебен дар или талент што свесно го „користи“. За неа, творечкиот чин секогаш е поголем од самата авторка – и тоа не од скромност, туку како суштинско уверување – рече Алексиева.

Српскиот писател Небојша Лапчевиќ зборуваше за темите што го преокупираат – уметноста, љубовта, убавината, човековата душа, пропаѓањето и смртта. Тој посебно се задржа на својата крушевачка опера „Лазарево време“, која неколкупати била емитувана на РТС и ја нарече „капитален проект“. Според него, суштинското прашање е како да се оживее и осовремени богатото историско наследство преку современи уметнички форми и додаде:

Уметноста има обврска само кон убавината. Писателот треба да гледа целина, не делови – инаку паѓа во апстрактна претенциозност – рече српскиот писател.

Средбата заврши со Хана Корнети, која говореше за искуството на живеење помеѓу култури и за важноста на мајчиниот јазик во изразувањето. Посебно ја истакна улогата на внимателното слушање како клучна писателска способност – да се впие туѓото искуство и да се преработи во сопствена уметничка визија.

На мајчиниот јазик секогаш можеме најцелосно да се изразиме. Што поконкретна е приказната, толку е попрецизна. Пишувањето колку што има задоволство, толку има и многу работа – истакна таа.

Хана Корнети: На мајчиниот јазик секогаш можеме најцелосно да се изразиме / ПРО-ЗА Балкан

Денеска на програмата на фестивалот се неколку настани. Во 11 часот има прес-конференција и средба на гостите од програмата „Скопје фелоушип“ во Куќата на Европа во Скопје, по што тие ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Вечерва, пак, од 20 часот, на истатата ќе се одржи тркалезна маса на тема „Војни, вештачка интелигенција, литература“ . Ќе учествуваат гостите писатели, а модератор е Владимир Јанковски. Два часа порано, во „Буква“ ќе се одржи промоција на книга од Јана Бауер во организација на Артконект.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година е дел од меѓународниот проект „Нашата мала библиотека“ и се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. На програмата, годинава учествуваат 15 издавачи, меѓу кои претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од ТРАДУКИ, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа.

Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасада на Грција, Амбасада на Словенија, СПОНА, Амбасада на Шпанија, Амбасада на Словачка, КУД „Содобност“, Умно.мк и Метрика Култура.

Поврзани вести