
Во петок во Кинотека на Македонија ќе се одржи комеморација во чест на Илинденка Петрушева, филмски критичар, публицист, истражувач, долгогодишен раководител и советник во Кинотеката, основач и уредник на списанието „Кинопис“, една од најзначајните личности во развојот на македонската филмска култура и историографија.
Илинденка Петрушева (4. август, 1944 – 5. септември, 2025), остави длабока трага во националната кинематографија со својата повеќедецениска посветена работа во истражувањето, проучувањето, прибирањето, архивирањето, презентацијата и популаризирањето на филмската уметност кај нас. Таа беше дел од самите почетоци на Кинотеката и со своите иницијативи ги постави темелите на филмскиот архив, конкретната кинотечна и архивска практика, филмската кинотечна програма, како и културната дејност од областа на филмот и визуелните уметности – темели и основи на кои што институцијата е создадена, востановена – и кои што Кинотеката ги развива и денес, велат од Кинотека на Македонија.
Комеморацијата, како што додаваат оттаму, ќе биде можност нејзините колеги, пријатели и почитувачи и културната јавност да се потсетат и да го чествуваат нејзиното големо дело и неповторлив придонес кон македонската култура и филм.