
Случајот со двете починати лица пронајдени кај местото „Ичева чешма“ во Богданци се истражува како убиство и самоубиство, потврдија од Обвинителството.
Станува збор за 21-годишниот В.Г. од Богданци, чие тело беше пронајдено покрај опожарен автомобил, и 17-годишната девојка чие тело беше пронајдено во внатрешноста на возилото.
Според досегашните информации, станува збор за момче и девојка кои биле во љубовна врска. Случајот добива дополнителна тежина по сознанијата дека малолетничката претходно пријавила физичко насилство од страна на момчето.
Според информациите објавени од медиумите, на 30 септември годинава, 21-годишникот бил пријавен дека физички ја нападнал својата 17-годишна девојка во неговиот дом. По пријавата, полицијата го лишила од слобода и го известила Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по документирањето на случајот било најавено поднесување соодветна пријава.
Двете тела беа пронајдени на 3 ноември, откако жител на Богданци околу 18:40 часот пријавил опожарено паркирано возило и безживотно тело во негова близина.
Полициските службеници кои пристигнале на местото утврдиле дека покрај автомобилот се наоѓа телото на 21-годишниот жител на Богданци. По интервенцијата на противпожарната бригада и локализирањето на пожарот, во внатрешноста на возилото било пронајдено и второто тело.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија извршил увид, а по негова наредба телата биле предадени на обдукција за утврдување на причините за смртта.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно утврдување на околностите под кои се случила трагедијата.

Македонски




